Сликарот во Линч

Денес во Њујорк се отвара изложба на Дејвид Линч, прва во овој град од 1989. Авторот на неодоливо бизарните „Син сомот“ и „Диви во срцето“, како и на серијата „Твин пикс“ која некогаш се гледаше како сега турските серии, всушност се занимавал со сликарство пред да почне да режира.

Ликовните критичари велат дека сликите му се комбинација на мистичната сензуалност на Ман Реј и младешката лудост на Миро. Но и не мора да сте експерт за да го забележите црниот хумор и благо демонската атмосфера на сликите, кои де наликуваат како да ги нацартало трауматизирано дете, де како да излегле од главата на член на некој мрачен култ.

Можеби ги ставил како реклама на некое нивно ЕВН, но на повеќето од сликите се повторуваат разнобојни сијалички, што се толкува како симбол на надеж, и антидот на мрачните ќошиња од кои демнат злите сили. Најиронична сепак ни се чини онаа со натпис „Сè што сакам за Божик се два предни заба“, повеќе омаж на Лора Палмер отколку на Мараја Кери.

3 март 2012 - 23:29