Кој рано рани...

Славни уметници кои станувале в зори

Сабота е, алармот исклучен, домашните блажено спијат, а вие станувате рано-рано и се фаќате за компјутер, за пред денот да тргне во непредвидливи насоки да си поработите на раат. Што, вие не правите така? 

Во новата книга „Дневни ритуали: како работат уметниците", Мејсон Кари (Mason Currey) ги истражува секојдневните рутини на бројни креативни и познати личности. Од 161 застапени уметници, верувале или не, дури една третина станувале (или се уште стануваат) пред 7 наутро. Поуката е: стани си порано, направи си кафе, и не си го губи времето пред да те наваса денот, телефонските повици и луѓето со различни барања.

Пријател на славниот архитект Френк Лојд Рајт еднаш забележал дека иако долго време го познавал, Рајт изгледал како да го минува денот правејќи сè освен она по што бил најпознат - конструирањето згради. Тој држел состаноци, зборувал по телефон, одговарал на писма, држел консултации со студенти - но ретко можел да се види како црта. Кога го прашал кога всушност ги прави нацртите, архитектот одговорил: „Помеѓу 4 и 7 наутро. Кога ќе станам умот ми е бистар, и можам да работам три или четири часа. Потоа уште малку дремам".

Еден друг постар, но поекстремен пример е писателката Франсес Тролоп од 19-тиот век. Таа почнала да пишува кога имала 53 години, и тоа само затоа што очајно ѝ требале пари за да ги издржува шесте деца и болниот сопруг - седнувала да пишува во 4 наутро, и завршувала кога доаѓало време да се спрема појадок.

Уште една жена писателка се држела до сличен распоред, иако од различни причини. Силвија Плат често земала седативи за да заспие, чие дејство престанувало околу 5 наутро. Тогаш станувала и пишувала додека децата не ѝ се разбудат.

Некои автори ова го прават затоа што немаат избор, но за други ова е креативна стратегија. Драмската писателка Една О'Брајан вели дека работи рано наутро затоа што така „човек е поблиску до несвесното, изворот на инспирација". Кога си полубуден, кога телото е уште по малку заморено, а очите полузатворени, тогаш е полесно да се концентрираш на само една работа и да не се обѕрнуваш на оние кои го одвлекуваат вниманието.

Во раните пишувачи спаѓаат и Хемингвеј кој пишувал „секое утро веднаш штом се појави првата светлина", Тони Морисон која станува пред зора, прави кафе и „гледа како надоаѓа муграта" и Мураками кој станува во 4 и пишува 5-6 часа. Но има и такви кои не пишувале, туку во ова доба на денот едноставно - мислеле. Кант имал слуга кој го будел во 5 наутро за да медитира, со шоља слаб чај и луле тутун. Сепак најинтересна навика имал кореографот Џорџ Баланчин, кој станувал во 6 наутро, правел чај, играл малку руски пасијанс, а потоа - пеглал. „Кога пеглам, тогаш вршам најмногу работа", изјавил еднаш.

27 април 2013 - 09:26