Прустов прашалник

Сирената од милион долари

Девојката заради која и кај нас „Бал на вода" се гледал и по десетина пати (живописно доловено во серијалот „Уа шнајдери!") пред неколку дена почина во длабока старост. Пред нешто повеќе од една година таа одговараше на познатиот прашалник на Венити Фер. Со бистар ум и на деведесет години, Eстер Вилијамс до крајот била опседната со пливањето и базените. А богами не била ни баш скромна.

Која е ваша идеја за совршена среќа?

Топол, сончев дел на базен.

Кој е вашиот најголем страв?

Базенот да не е загреан.

Со која историска фигура се идентификувате најмногу?

Веројатно со римска божица - ќерката на Нептун.

Која особина најмалку ја сакате кај себе?

Доцнам. Мојот часовник изгледа функционира поинаку од оној на остантатите.

Која особина ја сметате за преценета?

Пристигнувањето на време - освен ако не е повик за кастинг!

Во кои ситуации лажете?

Кога доцнам. Имам цел арсенал причини, а ниедна не е вистина.

За што најмногу жалите?

Откажувањето на моите Олимписки игри во 1940. Бев сигурна дека ќе бидам шампион, дека ќе освојам злато. Како награда за откажувањето ме направија ѕвезда во МГМ.

Што или кој е ваша најголема љубов во животот?

Освен пливањето? Пливањето со мојот маж, Едвард. Го научив да плива грбно. Сега можеме да пливаме во тандем.

Кој талент би сакале да го имавте?

Џин Кели ми кажа дека сум превисока да танцувам (со него) кога го снимаше Take me out to the ball game. Тој повеќе ја сакаше Џуди Гарланд, но таа беше болна. Џун Алисон беше бремена. Во МГМ ме имаа само мене. Толку сакав да бидам најдобра. Филмот беше хит. Но дали беше такво и моето танцување?

Која е моменталната состојба на вашиот ум?

Заборавна но - плодна!

Што сметате како ваше најголемо достигнување?

Тоа што бев ѕвезда во МГМ, без сомнение.

Кој е вашиот најскапоцен имот?

Способноста да опстанам волку долго.

Што е за вас најголемата тага?

Прераниот губиток на мојот син Кимбал.

Каде би сакале да живеете?

Како би можела да посакам нешто подобро од Беверли Хилс? Живеам на рид со поглед на Пацификот кој го одзема здивот.

Која е вашата омилена професија?

Филмска ѕвезда.

Кои се вашите омилени писатели?

Ги сакам биографиите, особено оние на моите колеги. Тие ги пополнуваат празнините.

Кои се ваши херои од реалниот живот?

Мајка ми, Була. Таа беше свештеничка и психолог. Отворено зборуваше. Таа беше гласот на реалноста - и беше таму кгоа ми беше најпотребна. Таа беше од Доџ сити, Канзас. Таму мораше да бидеш реален.

Кои се вашите омилени имиња?

Сузан, Кимбал и Бенџамин, имињата на моите деца.

Доколку умрете и треба да се вратите како човек или предмет, што би биле?

Дали би лажела ако речам сирена? (Сирена од милион долари - економијата е во криза!) Или Ингрид Бергман.

Кое е вашето омилено мото?

„Сите во базенот!".

8 јуни 2013 - 11:54