Кога јазикот мора да се прилагоди на промени во демографијата

Што значи тоа „самец"?

Во Битола наводно има(ло) израз со кој се одредува статусот на возрасен маж - ако е „војнет", то ест бил во војска и е женет, значи има завршено голем дел од животните обврски. Но што е со оние мажи и жени кои не се во брак, и кои остануваат такви цел живот? 

Освен „самец" и „самица" во македонскиот кубуриме со изрази кои би ја опишале нивната можеби не толку едноставна ситуација. Американците се демографски чекор напред, кој се одразува и во јазикот, кој наскоро ќе треба да ги вклучи сите нијанси на брачна „самост“.

Во 1957 тим професори од Универзитетот во Мичиген објавиле резултати од анкета која претставувала обид да се отсликаат ставовите на Американците за немажените и неженетите. Дури осумдесет проценти од испитаните изјавиле дека самците останале такви, сами, не заради свој избор, туку затоа што се „неморални", „болни" или „невротични".

И денес бракот останува доминантен социјален и економски модел на заедничко живеење, а оние кои не стапуваат во брак се соочуваат со латентна социјална стигма. Но навредливиот јазик кој подразбира психолошка патологија и сомнителна моралност сепак е заменет со полиберални ставови.

Што се променило прво, јазикот или културата? Како што вели Ребека Трејстер (Rebecca Traister) во нејзината книга „Немажените: жените кои не се во брак и подемот на една независна нација" (All the Single Ladies: Unmarried Wоmen and the Rise of an Independent Nation), сè повеќе луѓе, особено жени, остануваат сами. Притоа се продолжува периодот во кој жените не се мажат, а некои од нив остануваат сами засекогаш.

И не се работи само за жените - социологот Ерик Линенберг, авторот на „Живеејќи соло: неверојатниот подем и изненадувачката привлечност на живеењето сам" пишува дека поистоветувањето на осаменоста со самечкиот живот понекогаш држи вода, но дека тука повеќе станува збор за економски избор за живеење сам, а не за наметната осаменост.

Ова предизвикува епохални промени во политичкиот и културниот живот. „Мажените/женетите" наскоро можеби нема да бидат дефолтната демографија на американскиот живот, што значи дека и политиките ќе мора да се прилагодат на тоа како живеат повеќето луѓе.

Дел од тоа прилагодување ќе се одрази и на јазикот. Притоа ќе мора да се прави разлика помеѓу тоа да живееш сам, со семејство и пријатели, но не во романтична врска, да си самец кога си во врска но не во брак, да „чекаш" да најдеш некого, да си разведен или да си вдовец/вдовица. Јазикот можеби е на крајот на низата нешта кои неодминливо ќе се променат (или веќе се менуваат) како резултат на поголемиот број самци, но потребата за флексибилност останува. Има многу варијанти помеѓу бинарното мажена:немажена, женет:неженет, а нам зафатен/а:слободен/на ни звучи доста нефлексибилно, но реално.

2 јули 2016 - 11:26