Што точно се подразбира под „болест“?

Дали во последно време сте забележале дека по секој преглед (особено во приватни медицински установи), иако можеби добивате слични резултати од испитувања како порано, вредностите поинаку се толкуваат?

Она што некогаш било безбедно под дозволеното ниво на шеќер во крвта, сега може да се толку како пред-дијабет и да ви се предлагаат дополнителни испитувања, кои реално не се потребни. И ова е само еден пример кој покажува дека оној кој дефинира што е болест ја има медицинската моќ, но и одговорноста за можните манипулации.

Едноставна дефиниција на болест е (според дигиталниот речник на македонскиот јазик) е „Нарушување на нормалните животни функции на организмот“. Но други речници ја дефинираат болеста како „предизвикана од бактерии или инфекции“, што значи дека ги исклучуваат психолошките и хроничните состојби, што е во најмала рака необично со оглед на тоа што кардиоваскуларните болести или ракот се најчестите болести во современиот свет.

На глобално ниво болестите се каталогизирани од меѓународни групи експерти на Светската здравствена организација. Овој список, наречен Меѓународна класификација на болестите, сега минува низ десетта ревизија. И покрај своето име, класификацијата не содржи само болести туку вклучува и поврзани здравствени проблеми, симптоми, синдроми, па дури и последици од медицински процедури. Оттаму, што е, а што не е болест, не е сосема јасно, и зависи од консензусот помеѓу експертите.

Но што се случува кога одредено општество ќе одлучи да класифицира вид човечко однесување или карактеристика како „болест“, само затоа што мнозинството го смета за вознемирувачко или грешно? Ова последново - грешното однесување во религиска и морална смисла - во историјата на медицината често било толкувано како ментално нарушување. Најдобриот пример за ова веројатно е хомосексуалноста. Таа во 1968 била класифицирана како ментално пореметување од страна на Американската психијатриска асоцијација, што во 1973 било променето кога мнозинството на членовите (58%) гласало оваа дијагноза да биде отстранета од дијагностичкиот прирачник. Денес таа е целосно отстранета од списокот и се смета за нормална карактеристика во рамки на диверзитетот на човечката природа.

Ова покренува прашање - врз која основа и за чии интереси служи класифицирањето на нешто како болест? Во 2013 на универзитетот Бонд во Австралија е извршено истражување на оваа тема. Резултатите покажале дека експертските групи често ги ширеле дефинициите на вообичаените болести, без да ги земат предвид последиците, дека на тој начин поголем број луѓе ќе бидат убедени дека се болни и ќе бидат третирани како такви. Забележано е и тоа дека истите тие експерти кои ги ширеле дефинициите на болестите често имале конфликт на интереси во вид на финансирање од фармацевтски компании.

Понекогаш состојби за кои претходно се сметало дека се природен дел од стареењето станувале болести. На пример, остеопорозата била сметана за нормален дел од стареењето до 1994, кога СЗО официјално ја признало како болест. Со оглед на тоа дека остеопорозата е поврзана со зголемен ризик за кршеници, оваа промена на дефиницијата изгледа оправдана.

Но на старост можат да се случат и куп други промени кои барем за сега не заслужуваат статус на болести. Таков е примерот со андропаузата, падот на нивото на тестостерон кај мажите, за која се уште постои отпор да биде признаена како болест.

Да се дефинира што е, а што не е болест не е лесно, но веројатно најбитното прашање кое треба да се постави кога ќе се носи одлука е - кој има корист од промената? Дали притоа предвид се зема најдобриот интерес на оние кои со таквата промена би престанале да се водат како „болни“, или напротив, тоа повеќе би им штетело. Доколку ова биде водечката идеја, тогаш ризикот од непотребно или прекумерно лечење на состојби кои не се ниту ризични, ниту болни, би се намалило, а со тоа и финансиските и психолошките оптоварувања на пациентите.

извор

25 јули 2019 - 16:48