Што нема мозок, а може да учи?

Звучи како гатанка, но таков организам постои, и во сабота 19.10 ќе биде изложен за јавноста во рамки на нова изложба во Зоолошката градина во Париз.

„Блоб“ е име на лигава габа, организам кој може да живее самостојно, но исто така може и да се спојува со други слични организми за да формира повеќеклеточни структури. Во случајов станува збор за жолтеникаво-зелено едноклеточно „нешто“ кое изгледа како габа, но се однесува како животно. Има уста, но нема стомак; нема очи, но може да детектира храна и да ја свари.

И тоа не е сè. „Блоб“ има 720 пола (?), може да се движи без нозе или крила, а се самолекува за само две минути доколку биде пресечен на половина.

Бруно Давид, директор на парискиот Музеј за природонаучна историја, вели дека ова суштество е едно од природните мистерии. „Нè изненадува затоа што нема мозок, но може да учи. Ако споите две вакви суштества едното ќе го пренесе своето знаење на другото“.

Официјално име му е Physarum polycephalum, а неформалното име „Блоб“, или меур, го добило според научно-фантастичен хорор филм од 1958 со Стив МекКвин во главната улога, во кој вонземска форма на живот - Блоб - јаде сè што ќе ѝ се испречи на патот во мал град во Пенсилванија.

Засега со сигурност се знае дека тоа не е растение, но не е јасно дали да се категоризира како животно или како габа. Додуша во него препознавме и некои човечки карактеристики - луѓе без мозок, кои сепак успеваат да комуницираат, и да го пренесат своето незнаење и на други, исти такви. 

17 октомври 2019 - 07:07