Симетријо, љубов моја

Што имаат заедничко Вес Андерсон и Кјубрик?

Рашмор, Ројал Тененбаумс, Фантастичниот г-дин Фокс, Хотелот Гранд Будимпешта - во сите овие филмови на Андерсон има наративни и естетски елементи кои се повторуваат и стануваат негов режисерски печат.

Видео есеистот kogonada на Vimeo, кој прави компилации кои се концентрираат на само една, доминантна карактеристика на одреден филмски автор, ви го претставивме со збир од звучите ефекти од филмовите на Аронофски. Но тој има направено и суперкат од сцени од делата на Вес Андерсон, разоткривајќи ја неговата опсесија со централноста и симетријата. Таа и за „обичниот" гледач е прилично впечатлива, но вака зипувана во клипче од 2:23 изгледа уште поефектно.

Слична опседнатост со одреден начин на снимање тој забележал и кај Кјубрик, кој често ја користи „перспективата на една точка" (one-point perspective), којашто вклучува композиции чии просторни рамнини конвергираат во една точка во далечината - како снимка на некој долг, навидум бескраен ходник, или железнички пруги кои исчезнуваат кон хоризонтот. Притоа, начинот на којшто се поставени луѓето или предметите во кадарот прави и кај Кјубрик секоја симетрија да биде особено впечатлива.

Доколку ви недостасува празнична забава, еве едно Вес Андерсон БИНГО кое можете да го играте со пријателите. Само пуштете филм на Андерсон и кога ќе забележите кој и да било од наведените елементи (меѓу кои и симетричното кадрирање, но и смрт на милениче или жолти наслови), кликнете на соодветното поле. Оној кој прв ќе забележи пет од нив и ќе викне „Бинго" е победник. Бингото може и да се отпечати, или да биде со различен распоред на полињата.

18 април 2014 - 15:38