Стварно е Шеф

Што (и колку многу) чита Брус Спрингстин?

Од Чехов до Бертранд Расел, списокот на тоа што чита Брус делува импресивно, особено земајќи ја предвид неговата искрена изјава дека почнал да се интересира за книги кога имал 28-29 години. Од целиот муабет омилена изјава ни е: „Читам многу за космологија и разумно количество филозофија.“ Ретко е човек да налета на начитан, а сепак разумен човек. 

Денес, 4.11 излезе од печат книгата за деца на Брус Спрингстин, „Одметникот Пит“, која ја најавивме тука. Во интервју по тој повод во Њујорк Тајмс, Шефот ги откри неговите омилени книги и автори. Еве кои се неговите книжевни референци:

Кои книги ви стојат до креветот во моментов?

Само што ја завршив „Моби Дик", која долго време ме плашеше заради тоа што е тешка за читање. Сега, кога ја завршив, сфатив дека убавата приказна и не е толку несовладлива. Предупредување: ќе научите повеќе за китови отколку што сте сакале да знаете. Од друга страна, не сакав никогаш да заврши. Исто така, „Љубов во време на колера" од Маркес. Едноставно има допрено голем број аспекти на човечката љубов.

Кој е вашиот омилен романописец на сите времиња, а кој од современиците?

Ги сакам Русите, кратките раскази на Чехов, Толстој и Достоевски. До скоро ги немав отворено, до пред четири години, кога сфатив дека тие се длабоко психолошки модерни. Фаворити ми се „Браќа Карамазови" и секако „Ана Каренина".

Омилени современи: Филип Рот, Кормак МекКарти и Ричард Форд. „Крвавиот меридијан" на МекКарти ми втисна воден жиг на читачкиот вкус. Комбинација е на Фокнер и шпагети вестернот на Серџо Леоне, и тоа ме плени. Го сакам и начинот на кој Ричард Форд пишува за Њу Џерси.

Која книга ви влијаела на одлуката да станете музичар?

Го прескокнав поголемиот дел од факултетот, сакајќи да бидам патувачки музичар, па така не почнав сериозно да читам до кај 28-29 години. Тогаш ги открив Фланери О'Конор, Џејмс М. Кеин, Џон Чивер, Шервуд Андерсон и Џим Томсон. Овие автори многу придонесоа за начинот на којшто се развиваше мојата музика во 1978-1982. Донесоа чувство на географија и мрачна дамка во моето пишување, ми ги проширија хоризонтите за тоа што може да се направи со поп песна, и сè уште се темелници на она што сакам да го постигнам.

Кои книги би нè изненадиле на вашите полици?

Читам многу за космологија и разумно количество филозофија. Сакам да читам и за безбол. Од космологија „Осамени срца на космосот" од Денис Овербај беше еден од моите први фаворити. Го сметам за ослободувачко тоа што мажите и жените се обидуваат да ги одговорат најдлабоките прашања кои можеме да си ги поставиме. Тоа ги става во сосема поинаква перспектива моите секојдневни мали проблеми. Книгата која ме внесе во филозофијата беше Бертранд Раселовата „Историја на западната филозофија". Само што ја завршив „Преиспитани животи" од Џим Милер и „Како да се живее, или животот на Монтењ" од Сара Бејквел.

Која книга ве расплака последна?

„Патот" на Кормак МекКарти.

Каков читател бевте како дете?

Првата книга којашто ја прочитав беше „Волшебникот од Оз", едно мрзливо лето на мојата тераса на улицата Рандолф во Њу Џерси. Се сеќавам дека бев воодушевен од книгата и од чинот на читањето. Во текот т на времето мој најомилен лик стана самиот голем и моќен Оз. Тој е сумиран во онаа славна изрека во филмот, која ја нема во книгата: „Не обрнувај внимание на човекот зад завесата". Тој е измамник, на начин кој ги надминува неговите способности, но кој сепак успева во тоа. „Не обрнувај внимание на човекот зад завесата" е еден од најдобрите цитати во американската книжевност.

Целото интервју, во кое наведува уште куп референци тука, а целосен список на сите спомнати книги и автори тука

4 ноември 2014 - 17:22