Што е тоа „имунопривилегија“ (и зошто е исто толку опасна колку и болеста)?

Винсент Нолте, германски имигрант во САД и трговец со памук од 19 век, станал милионер откако ја преживеал епидемијата на жолта треска во Њу Орлеанс. Самото тоа што преживеал а други во неговата бранша не, му овозможило економска и општествена предност. Дали стекнувањето антитела на Ковид-19 може да ги има истите последици?

На 12 април оваа година, кога пандемијата е сè уште во зародиш, во Њујорк Тајмс се појавува колумна на историчарката Катрин Оливариус од Стенфорд, под наслов „Опасната историја на имунопривилегијата“. Во неа се анализира што се случува кога на луѓето со имунитет на смртоносна болест им се овозможува посебен третман, и како тоа ги засилува постоечките економски и други нееднаквости. На крајот од текстот таа ги поврзува историските факти со актуелната состојба, во која најранливите категории луѓе се два пати казнети - еднаш од нивната тешка генерална состојба, и втор пат од болеста.

Со оглед на тајмингот, рано во она што потоа излезе прилично растегната приказна за Ковид-19 на која и сега не ѝ се гледа крајот, овој текст остана по малку незабележан.

Новообјавено интервју со авторката на Слејт се надоврзува на темата, земајќи го предвид развојот на настаните од април наваму. Во книгата на Оливариус која ќе излезе следната година, под наслов „Некрополис: болест, моќ и капитализам во кралството на памукот“, таа анализира зошто жолтата треска земала толку голем замав токму во „длабокиот Југ“ - Лузијана, Мисисипи, Алабама и источен Тексас. За ова придонеле најмалку три елементи: топлото време, големиот број Aedes aegypti комарци кои ја пренесувале болеста и исто така голем број „имунолошко наивни луѓе“, густо распоредени во заеднички живеалишта и големи семејства. Иако ова биле причини регионот да се одбегнува од страна на новодојденци, тој сепак нудел голема можност за правење пари, пред се од памукот, како и користење евтина работна сила (токму онаа која и најчесто се разболувала). Веројатноста човек да се разболе и да умре или да преживее била 50-50. Но проблем бил и периодот на боледување - немало здравствено осигурување, немало финансиска помош. Оттаму „аклиматизирани“, односно со стекнат имунитет, можеле да бидат главно оние кои во текот на прележувањето имале каква-таква помош, јадење, пиење и покрив над глава. А за да го имаш сето ова, требало да си богат.

И не само во однос на физичките услови и пристапот до лекови. Побогатите биле и пообразовани и имале пристап до најскапоценото - информацијата за тоа како се пренесува болеста и оттаму како да се заштитат. И тогаш имало разумни луѓе кои повикувале на развој на јавното здравство и осигурување за сите. Но доминантни биле гласовите на оние кои велеле дека властите не се одговорни за заштита на здравјето на своите граѓани. Од друга страна истите тие власти им помагале во развој на бизнисот на оние кои преживувале - „имунолошката елита“ составена од бели и главно богати луѓе, кои откако еднаш го надминале ризикот, биле подготвени за нови, уште похрабри потфати. Дали и како стекнувањето на имунитет на Ковид-19, за кој се уште не е јасно колку трае и дали овозможува таква предност како во случајот со жолтата треска, останува да се види.

6 август 2020 - 11:36