Нов филозофски правец

Што е тоа „бекзистенцијализам"?

Ретко се случува Букбокс да има некаква врска со спортската рубрика на сајтов. Ама подобро од ова не може да биде - како би изгледало кога Бекам не би се викал Дејвид, туку Жан-Пол, и би играл за „Егзистенцијализам"?

Во текот на традиционалниот Фестивал на идеи кој почна вчера (23.10) во Кембриџ, и кој во текот на 12 дена вклучува повеќе од 200 настани, ќе се одржи и предавање за (замислената) врска помеѓу славниот фудбалер и филозофскиот правец од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, кој ја опишуваше збунката на поединецот соочен со бесмислениот и апсурден свет.

„Бекзистенцијализам" е токму тоа - мешавина на згодниот лик на Бекам и незгодното дело на егзистенцијалистите како Сартр, Кјеркегор, Ниче или Достоевски. Неговиот „пронаѓач" е д-р Енди Мартин, кој на неговиот блог Becks in Paris објавува „замислени внатрешни монолози на Бекам додека тој се соочува со париската интелектуална традиција - светкавата површина на една фудбалска икона замрачена од егзистенцијализмот“. Според него бекзистенцијализмот е „исто што и егзистенцијализам, ама со многу кул фризура".

Д-р Мартин, професор по француска филозофија на Универзитетот Кембриџ, започнал да пишува откако Дејвид потпишал петмесечен договор со Парис Сен Жермен, пред да се пензионира во мај оваа година.

„Се идентификував со Бекам, со оглед на тоа што имам живеено во Париз во младешките денови, а како жител на источен Лондон и некогашен капитен на аматерски клуб секогаш сметав дека ако не станев филозоф сигурно ќе бев фудбалер", изјавил професорот за Би-би-си. „Речиси е невозможно толку интелигентно момче како него да немал некакво просветлувачко искуство додека престојувал во Париз. Па и Дерида навиваше за Париз Сен Жермен".

И не само тој. И Албер Ками некогаш играл фудбал, но морал да се откаже од него заради туберклоза. Од друга страна Бекам е отелотворување на бројни филозофски проблеми - оние поврзани со кризата, конфликтот и идентитетот. Како доказ за ова Мартин го посочува неговото често менување фризури. „Можеби тој не шета наоколу со книга за да не си го наруши имиџот, но сигурно ѕиркал во Странецот на телефон додека бил во Париз", додава тој.

А ова е дефиницијата на егзистенцијализмот на Букбокс: фина прилика да си ставиме сликичка по ќеф.

24 октомври 2013 - 08:16