Што е полошо: да жалиш за нешто што си го направил, или за нешто што не си го направил?

„Што ми требаше“. „Ех како го пропуштив“. Со што е потешко да се живее - со погрешен чекор или со пропуштена можност?

Во случај да не го прочитате текстот до крај, и потоа некогаш да зажалите за тоа, спојлер уште на почетокот: повеќе луѓе жалат за нештата што не ги направиле, отколку за оние кои ги сториле а излегле наопаку.

Дефиницијата на „каење“ е токму тоа - емоција која се појавува кога ќе сфатиме дека доколку минати одлуки или дејства би можеле да се променат, тоа би довело до поповолен исход. Ваквиот негативен став за минатото може да биде општ, но може и да биде фокусиран на конкретна и изолирана ситуација. Во секој случај каењето има тенденција да биде долготрајно чувство.

Тоа е поврзано со вина, срам, грижа на совест, разочарување, но од сите нив се разликува на неколку клучни начини. Додека каењето и вината се реакција на негативните последици од нештата кои сме ги направиле (или не сме ги направиле), и обете вклучуваат желба да се кликне „анду“ на тоа нешто, вината е типично ориентирана нанадвор (вина во однос на некого), а каењето навнатре. Вината исто така вклучува морална компонента која не нужно е присутна во каењето и таа истовремено става поголем акцент на последиците на некое дејство а не на одлуката да се дејствува, што повеќе се однесува на каењето. Срамот главно е резултат на гледање на себеси како недоволно вреден, а каењето повеќе се однесува на несакан или погрешно направен избор. Грижата на совест, пак, значи преземање одговорност за сопственото минато однесување, без оглед дали е нешто сторено или требало да се стори, и преземање чекори за да се поправи она што е загубено, игнорирано или напуштено.

Можно е да се верува дека времето и вложениот напор можат да поправат каква и да е грешка, но речиси е невозможно да се создаде шанса која веќе не постои. Нереализирани амбиции, неискажани намери, пропуштени прилики, нецелосно остварени цели, нè конфронтираат со егзистенцијална јанѕа директно поврзана со нашиот концепт за себеси, особено со нашиот концепт на идеално јаство.

Истражувачите на Универзитетот Корнел истражувале видови каења кои луѓето ги имаат кога не презеле некакво дејство. Тие се фокусирале на три вида „јаство“: вистинско, тоа се оние карактеристики и способности кои мислиме дека ги имаме; потребно јаство, оние својства кои сметаме дека треба да ги имаме; и нашето идеално јаство, оние кои би сакале да ги имаме.

Наодите биле изненадувачки. Повеќето луѓе (72%) чувствувале поголемо каење поврзано со своето идеално јаство отколку со она потребното (28%). А кога од нив било побарано да кажат за што најмногу се каат во животот, 76% спомнале дејство кое не го презеле, а кое според нив би помогнало во реализација на тој нивен идеален лик.

Без оглед на типот на каење, тоа може да има сериозно влијание врз нашето психолошко, емоционално и духовно здравје. Иако тој товар може да покрене и позитивни чекори, исто така може да доведе до анксиозност, депресија, хронични чувства на тага, лутина, стрес, па и до самоубиствени мисли. Каењето влијае и на најбазично хемиско ниво, врз функционирањето на нашиот имунолошки и хормонален систем.

Кога сме заробени во нездрав циклус на каење умот ни се стеснува и не можеме да се видиме себеси и нашите однесувања во поширок контекст. Тоа може да ни биде пречка и за формирање интимни и блиски врски со луѓе од сегашноста, само затоа што се каеме за нестореното во исти такви врски во минатото.

Одрекувањето е најлошиот метод за справување со каење, а исто толку лошо е и човек да потоне во самообвинување. Психолозите препорачуваат наоѓање „семиња на вистина“, некоја порака или значење произлезени од настанот или настаните за кои станува збор, од кои може нешто да се научи за да не се случат идни каења. Исто така помага и тоа да се размисли со какви информации се располагало во тој момент, и дали доколку сме ги имале истите во минатото повторно би ја донеле истата одлука. Клучно е што каењето се смета за моќен знак на здрава личност - без него сме предодредени да ги повторуваме и најголемите грешки.

извор

26 јули 2021 - 08:17