Деконструкцијата како креација

Шах со случајни фигури

Што ако во еден строго поставен систем смениш само еден негов елемент и така му ја пореметиш рамнотежата? Од тој навидум разурнувачки чин одеднаш се раѓа нов свет, и нова убавина. 

Последен пат за шах во рубрикава пишувавме кога откривме дека постои мешап помеѓу овој спорт и боксот. Започнат како фантазија на францускиот стрип-уметник Енки Билал, тој инспирира стотици шахисти-боксери низ светот реално да се занимаваат со оваа комбинација на три минути боксирање и четири минути играње шах во тек на 11 рунди (подетално тука).

Сега имаме нова финта - шах со сосема случајни фигури, игра која се вика „Навистина лош шах“. Исто како што и претходната дисциплина боксо-шахување во реалниот свет беше иницирана од перформанс-уметник од Холандија, и оваа е на концептуален уметник-дизајнер по име Гејџ, на кого Њујорк Тајмс во 2012 му посвети текст на тема „Енгри брдс и други заразни глупи игри“. Неговата нова игра е во форма на апликација, но секако може да се игра и „аналогно“, со (на пример) еден пешак, два крала, осум ловци и три кралици. Се разбира за ова ќе ви требаат неколку нормални шаховски комплети, или купче расходувани фигури.

Тие се движат по стандардните правила, но со оглед што нивниот вид и број е променет и целата игра добива нов карактер - побрза е, а напредните играчи наместо по веќе познатите шеми се натерани да измислуваат нови тактики. Истовремено, за разлика од другите компетитивни видео игри кои постојано се балансираат за секој елемент во нив - секое оружје, вештина и лик - да имаат подеднаква моќ, оваа може едниот играч да го направи појак (ако му се паднат појаки фигури) а другиот послаб. За разлика од обичниот шах во кој поискусниот секогаш ќе го тепа почетникот, ова со фигурите е единствената можна предност за кој и да е од играчите. Сето останато е на нив, и тука престануваат да важат правилата за фер-нефер.

Ваквиот недостаток на рамнотежа според Гејџ е основа за правење подобри игри. „Навистина лош шах“ не е некаква сурова игра, но како и во oние со карти некогаш ви се паѓа полош, а некогаш подобар сет фигури. На тој начин убавината, елеганцијата и совршениот баланс на оригиналната игра се нарушени, а на нивно место настапува нешто што на прва изгледа како хаос. Но токму таа случајност им отвара интересни можности на луѓето кои не ги знаат шаховските правила, и кои немаат појма што прават. Системот сепак не е сосема без правила, а на почетниците им се даваат појаки комбинации додека не победат барем во неколку партии. Најдоброто е - ако загубиш кралица не значи дека си ја загубил играта, бидејќи можеби имаш уште три.

Она што е нуспојава на целата намерна деконструкција на шахот е следнава - кога неодамна Гејџ прв пат играл нормален шах со пријател кој претходно постојано победувал, мислел дека повторно нема да има шанси. „Играв и го победив. Мојата глупа игра всушност ме научи како да научам вистински шах“, изјавил тој.

Бесплатната игра за iPhone тука

15 октомври 2016 - 10:58