Сенката како граѓанско право

Во македонскиот сенката нема баш позитивни конотации и може да означува дека си доминиран („во нечија сенка“) или дека некој дејствува затскриено („од сенка“). Но во време на глобално затоплување, особено на места на кои сонцето и онака безмилосно пече, сенката станува граѓански ресурс, индекс на нееднаквост и критериум на јавно здравје.

Ја знаете типичната сцена во Скопје лете: иако на автобуската има ново „куќиче“ - чекална, никој не стои таму, затоа што од евтиниот алуминиум и стаклата сонцето уште повеќе блеска, туку се засолнува под најблиското дрво. Од време на време некој излегува на улицата колку да види дали автобусот приближува и брзо се враќа под сенка. Се разбира, ако на улицата воопшто има дрво.

Во детален текст посветен на урбаниот дизајн на Лос Анѓелес, со особен акцент на поставувањето настрешници и други вештачки или природни создавачи на сенки, се прави анализа на тоа кој и каде може да поставува вакви објекти, и кој на крајот од приказната е оставен да гори и да се поти, а кој е заштитен.

И покрај тоа што индивидуалното поставување на вакви - од законски аспект - „опструкции“ на тротоарите, сопствениците на дуќани, но и самите жители на одредени (посиромашни) маала во градот се приморани самите да се снаоѓаат во правењето подносливи места за одмарање, чекање или живеење под сонцето.

(јужен ЛА, без ниту една сенка)

Од друга страна, полицијата казнува, и тоа годишно по дури 16.000 вакви прекршители на законот. Тука спаѓаат неформални засолништа и незаконски засадени дрвја кои се третираат исто како и илегалните трупања отпад. Домашното „снаоѓање“ за сенка, во вид на дебели платна на прозорците (понекогаш и алуминиумска фолија), густо растени ползавци кои формираат дебели сенки по дворовите, често се прелеваат во јавниот простор. Широки чадори кои ги штитат фрижидерите со сладолед или излозите зафаќаат можеби мал, но значаен дел од просторот. Да не зборуваме за поголеми узурпации со поставување кафански маси под и онака малкуте сенки од дрвјата на јавните површини. Според авторот на спомнатиот текст ваквата јавна акција (што од мака, што од корист) драматично ја менува географијата и економијата на сенката.

Но има и нешто повеќе од простото покажување со прст на „узурпаторите“. Како што често смртоносните топли бранови стануваат вообичаени, сенката е граѓански ресурс кого треба да го споделуваат сите. Под неа претоплите тела се враќаат во нормала, циркулацијата на крв се подобрува и луѓето почнувааат да мислат појасно. Во физиолошка смисла, особено за ранливите категории - физичките работници, старите, бездомниците, дали некаде има сенка или не може да е прашање на живот или смрт. Таа оттаму претставува индекс на нерамноправноста и обврзна ставка за урбаните планери и еколошките активисти. Парадоксално, но тие сега треба да работат на основното човечко право не на сончева светлина, туку на сенка.

26 април 2019 - 11:35