Сем Харис и Рики Џервејс: „За да водиш оркестар мораш да ѝ свртиш грб на публиката“

Најнова епизода од подкастот Making Sense, во која неговиот автор Харис разговара со секогаш лежерниот, отворен и луциден Џервејс. Два саати фин муабет, како да ви се на маса. 

Сем Харис, еден од „четворицата јавачи на не-апокалипсата“, или „новите атеисти“, заедно со Ричард Докинс, Кристофер Хиченс и Даниел Денет, чии главни сфери на интерес се невронаука, етика, политика и духовност. Неговата прва книга „Крајот на верата“ (2004) помина 33 недели на листата на бестселери на Њујорк Тајмс.

Од 2013 прави подкаст под наслов Making Sense во кој интервјуира гости и детално ги образложува своите ставови. Негови гости се луѓе од различни области, од колеги-научници и писатели, до илузионист, претседателски кандидат и преговарач за заложници на ФБИ. Некои од епизодите се снимени во живо пред публика (како неговата скоро петчасовна дискусија со Џонатан Питерсон во Ванкувер од 2018), а за ретки тој се з’гнува да отпатува кај неговите соговорници.

Таков е случајот со најновата епизода од 13 јули, во која тој зборува со Рики Џервејс, со кого како што вели во воведот долго време се допишувале, но никогаш не се сретнале. Разговорот е снимен во Лондон, и трае два часа, во кои тие покриваат куп теми, главно задржувајќи се на природата на комичното, неговата современа општествена функција и состојбата со слободата на говорот.

Еве што научивме:

- "Woke" (сленг за „буден“) сега е посоодветен термин од „политички коректен“;

- Термините кои се или не се коректни во оваа смисла толку брзо се менуваат, што човек може лесно лингвистички да погине заради ненамерна употреба на некој кој веќе не е „аминуван“ од трибуналот на јавното мнение, без можност колку-толку да се спаси;

- Како еден од примерите се наведува оној на ПР директорот на Нетфликс Џонатан Фридланд, кој на состанок со 60 вработени дискутирал како компанијата подобро да излезе на крај со реакции на наводно нечувствителна содржина која таа ја емитува. Повод бил виц на комичарот Том Сегура чиј стенд-ап се емитува на Нетфликс, во кој тој вели дека копнее по времето кога зборот „ретардиран“ бил прифатлив во цивилизираните кругови.

Коментарот на Фридланд било дека по реакциите на родителите на деца со посебни потреби тој сфатил дека тие се чувствуваат исто како кога „Афро-Американец би го слушнал зборот ’црнец’“, употребувајќи го фамозниот n-word. Следела бурна реакција, по што тој на писмено се извинил на тимот, за потоа пред двајца претставници на „кадрово“, обајцата Афро-Американци, повторно да го употреби истиот збор, раскажувајќи за „инцидентот“. Вториот пат чашата на трпението на Нетфликс се прелева и тој добива отказ.

Никој, никогаш не излегол со тврдење дека тој е расист, туку целата приказна се базира на, како што Харис ги нарекува во подкастот, „магични слогови“ кои не смеат да бидат изговорени, дури ни тогаш кога човек се обидува да објасни дека се согласува со нивната дискриминаторна содржина. Фридланд така станува „човечка жртва на (лингвистичко) табу“;

- Комичарите кажуваат лоши нешта кои тие не ги мислат (расистички виц без да бидат расисти) и го јадат, додека светските лидери кажуваат лоши нешта кои навистина ги мислат без никакви последици;

- (поврзано со претходното) Јавноста жртвува луѓе кои се во основа разумни и добри затоа што не можат да докачат до оние навистина лошите. Постојат реални расисти и нацисти но најчесто твитер толпата гони невини луѓе кои на шала или по грешка кажале нешто погрешно;

- Како тоа комичарот е гонет за кажување лоша заебанција, а никој не им замера на оние што се кинат од смеење на истата?;

- „Камила е комисиски прогласен коњ“и „За да водиш оркестар мораш да ѝ свртиш грб на публиката“.

- Прашањето упатено кон Џервејс на крај - „Што е едно нешто кое не би сакал пак да го доживееш, ама те направило подобар човек?“

Најубаво да си ја слушнете целата емисија:

Види претходно: Букбокс гледанка за „По животот“ на Џервејс

18 јули 2019 - 09:10