Ви се пишува?

Само пречкртајте ги погрешните зборови

Oткако неодамна ја релативизиравме вредноста на цитирањето како интелектуален чин, најлогичниот след на настаните е да објавиме - цитати за пишувањето!

Според статистика која ја објави Њујорк Тајмс во 2002, 81 процент од Американците „сметаат дека имаат во себе книга - и дека треба да ја напишат". Онака од око ни се чини дека тој процент и кај нас не би бил мал. Еве неколку совети од светски познати и успешни автори, кои имаат смисла. Дали цитатите се добро припишани или не, во тоа не сме стопроцетно сигурни. Ама па кој е?

За почнувањето со пишување:

„Секогаш ги советувам децата кои ме прашуваат како се станува писател, да читаат колку што е можно повеќе. Џејн Остин така советувала еден млад пријател, па и јас ѝ се придружувам" - Џ.К.Роулинг

„Не можеш да чекаш на инспирација, мораш да ја бркаш со стап" - Џек Лондон

За изборот на зборови и интерпункцијата:

„Никогаш не употребувај долг збор каде е доволен краток" - Џорџ Орвел

„Ако користиш дијалог, кажи го на глас додека го пишуваш. Само тогаш ќе звучи како реален говор" - Џон Штајнбек

„Избриши ги сите извичници. Извичник е како да си се смееш на своја шега." - Ф. Скот Фицџералд

За развивањето на приказната:

„Работа на писателот е да го качи главниот јунак на дрво, и кога тој ќе биде таму, да почне да го мава со камења" - Владимир Набоков

„Краткиот расказ мора да држи едно единствено расположение, и секоја реченица треба да го гради" - Едгар Алан По

„Твојата интуиција знае што треба да пишуваш, па тргни ѝ се од патот" - Реј Бредбери

За препрочитувањето на напишаното:

„Пишувај пијан, препрочитувај трезен" - Ернест Хемингвеј

„Кога приказната ти е готова, сечи до коска. Исфрли го секој грам сало. Ова ќе боли, сведувањето на приказната на нејзината суштина секогаш е како убивање деца, но тоа мора да се стори" - Стивен Кинг

„Замени со 'еб*но' секогаш кога ти иде да напишеш ’многу'; твојот уредник ќе ги избрише сите такви места, и текстот ќе си биде таман" - Марк Твен

„Пишувањето е лесно. Сè што треба да се стори е да се пречкртаат погрешните зборови." - Марк Твен

И зошто едноставноста е клучна:

„Највреден од сите таленти е оној никогаш да не користиш два збора кога е доволен еден" - Томас Џеферсон

„Мисли како мудрец, но комуницирај на јазикот на народот" - Вилјам Батлер Јејтс

19 септември 2013 - 14:18