GPS од Оз

Чевли кои ве враќаат дома

Британскиот уметник Доминик Вилкокс, за кого доста се пишуваше по нашите медиуми, има нов „проект" - чевли кои си го знаат патот до дома.

Прво мислевме дека е метафора, некаква инсталација која се инспирира од црвените чевличиња на Дороти од Оз. Ама ова е нешто повеќе. Вилкокс, на нарачка на Global Footprint од Нортхамптоншир, место во Англија познато по изработката на чевли, направил пар кој има вградено GPS уред во кој преку посебен софтвер се утврдува вашата посакувана дестинација.

Поставен во петицата во левата чевла, тој се активира на клик, токму како и оние од Волшебникот. Десната чевла, која бежично комуницира со уредот (преку антена вградена во црвениот држач, види горно фото), има светлечки „прогрес бар" кој ви покажува колку блиску сте до дестинацијата. Тој почнува со едно црвено светло на почетокот на патот и завршува со зелено кога ќе пристигнете. Точната насока на движење, пак, се прикажува на кругчето од левата.

Внатрешноста на чевлите е од црвена кожа за да потсетуваат на црвените чевлички на Дороти, а на газерот Вилкокс нацртал и симпатична илустрација. Целиот пипав процес на изработка можете да го видите во видеово. Штета што се машки, ама па и има логика. Тие полесно го губат патот.

 

 

18 септември 2012 - 08:55