Рударот кој погинал со превод на Тукидит во џеб

Денес, 27.11, во 12 часот, на Филозофскиот факултет ќе биде одржана трибина под наслов „Зошто ни треба класична гимназија?“. Под „класична“ се подразбира онаа во која во текот на целото образование се изучуваат старогрчкиот и латинскиот јазик, но и предмети поврзани со античкото наследство и она што вообичаено го нарекуваме „општа култура“. А има и причина зошто таа би требало да се нарекува „општа“.

Класичното образование историски било, и во одредени средини сè уште е, поврзано со високите класи. Од доцниот 17 век, кога класичните студии се востановиле онакви како што ги познаваме денес, само побогатите родители биле во состојба да им овозможат на нивните деца (а до крајот на 19 век, тоа биле главно машки деца) континуирано образование кое го подразбира познавањето на латинскиот и старогрчкиот, реториката, европската уметност и култура. Особено во Британија, ниту еден маж не можел да ја има патината на „џентлмен“ и „аристократ“ доколку не знаел наизуст да го рецитира Хомер, или да употреби латинска изрека во вистинскиот контекст - сигнал за рафинираност кој често се обидуваат да го емитираат и денешните британски политичари.

Но има и примери на не-елитни поединци и групи, во ист историски период, кои со различен степен на успех се обидувале да се самообразуваат во овие области. Според статија на Аеон, постои традиција на работничко класично образование. Тоа најчесто се нудело преку неделните верски училишта, но и во рамки на образованието за возрасни и синдикатите. Ова на некој начин било замена за спората реакција на работничките барања за образование: во Британија дури на крајот на 19 век правото на описменување на деца под 13 години станало универзално и бесплатно.

Но имало и други начини да се учи за старите Грци и за Римјаните. За тоа служеле, на пример, музеите во Британија, кои биле посетувани од поширок опсег население во споредба со континенталните институции од ваков вид. Пруски патник во Лондон во 1782 бил вознемирен што посетителите на Британскиот музеј биле „различни...некои од најниските класи луѓе, од обата пола, затоа што тука секој има подеднкаво право да ги види поставките“. Класичните скулптури како фризовите од Партенон или Милоската Венера биле бесконечно репродуцирани во форми пристапни дури и за најсиромашниот Британец: репродукции од гипс поставени и во најмалите општински музеи, а имало и куп евтини списанија за самообразование.

Некои од хероите на античка Грција станале симболи на селанството и работничката класа - Плутарховиот Солон бил почитуван како мудар водач кој ги укинал долговите на селаните кон богатите земјосопственици; Спартак бил сметан за херој на пролетеријатот, а атинската демократија станала прифатлив уставен идеал до доцните 1820-ти. Млад рудар кој бил член на некакво дебатно и книжевно здружение починал на своето работно место под земја како последица на одрон. Во неговиот џеб бил пронајден превод на Тукидит, а обележаната страница го содржела посмртниот говор одржан во чест на Перикле.

Големо влијание врз образованието на „масите“ имале евтините преводи и читалните, кои овозможувале една иста публикација да ја читаат повеќе луѓе. Во 1829 се проценило дека едно списание во просек се чита од 25 луѓе. Она што не можело да се чита се пренесувало усно од писмените на помалку писмените. Некои занаети биле попознати по самообразованието - заради нешто предничеле кројачите, ѕидарите и чевларите. Извесен Сајмон Чевларот, на пример, инспириран од Сократ, составил 33 „кожни“ дијалози, наводно препишани од белешки кои ги правел на кожа за обувки. Помеѓу историски познатите филозофи, преведувачи и учени луѓе со британско потекло има такви кои почнале како ткајачи, градинари или поправачи на покриви. Тие со сопствени сили, или со помош на побогати филантропи, станале учени интелектуалци на кои се гледало со почит.

Класичното образование во земји со империјалистичко минато е врзано со идејата за моќта и империјализмот. Но и во тие контексти, а особено во нашиот, разбирањето на древниот свет може да ја збогати социо-културната писменост, граѓанските вештини, како и моќта на аргументацијата и вербалното изразување. Дали ова е нешто што вреди да се негува во општество како нашето?

27 ноември 2019 - 09:15