Ренесансата и јајцата

Овој месец една изложба на Пјеро ди Козимо, ренесансната верзија на Хиеронимус Бош, патува од Националната галерија на уметност во Вашингтон во Уфици во Фиренца. Тоа е само еден од бројните сликари на ренесансата кој во боите обилно користел жолчки од јајца. Њузвик поставува логично прашање - што ли правеле со толку преостанати белки?

Леонардо, Рафаел и Ботичели, биле помеѓу оние кои мешале жолчки во температа, ценејќи ја брзината на сушење на таквата боја, но пред сè заради ефектот на непроѕирност и сјајност, особено значаeн во претставувањето на кожата на нивните субјекти.

Пјеро, кој освен што сликал со нив цело време и јадел јајца, доколку ги следел советите од прирачник достапен во тоа време, би користел жолчки од градските кокошки за женската бледа и младешка кожа, а селски јајца за потемните типови.

Но што со преостанатите белки? Леонардо варел очи во белки за полесно да ги дисецира за неговите анатомски цртежи. Други сликари ги користеле за сјај на нивните слики. Но повеќето од нив, за да не се фрлат, едноставно ги јаделе.

Дека тоа било секојдневен проблем покажува и книгата којашто се смета за прв готвач во Европа, а кој содржи рецепти токму од дворот кадешто бил лоциран Леонардо. Авторот, Бартоломео Саки, познат како Платина, го исполнил со јадења кои ги научил од некој мајстор Мартино, некогашен дворски готвач за семејството Сфроца од Милано. De honesta voluptate et valetudine или „За чесните задоволства и доброто здравје", која почнал да ја пишува околу 1464, била објавена во 1475, седум години пред Леонардо да стапне како сликар на истиот двор. Пјеро ди Козимо тогаш имал 13 години.

Голем број рецепти во книгата користат белки од јајца, дури и таму кадешто најмалку се очекува. На пример, иако било вообичаено тестенини да се прават со жолчки, Мартино предлагал правење сицилијански макарони од брашно, розова водичка и белки. Неговата „бела торта" се прави со 12-15 белки, како и со сирење, путер, млеко, шеќер и ѓумбир. Дури и кога стандардниот рецепт за некое јадење подразбирал жолчки, тој давал алтернативни „бели" верзии. Од Венеција книгата пропатувала до Болоња, Стразбур, Келн, Париз, Лион и Базел. Леонардо веројатно бил меѓу првите кои ги пробал рецептите од книгата, особено затоа што бил вегетаријанец.

Но ова не е единствениот придонес на јајцето кон ренесансата. За да го добие „тендерот" за дизајн на покривот на фирентинската катедрала, Филипо Брунелески ги предизвикал неговите конкуренти да направат јајце без потпора да стои врз парче мермер. Нешто слично како во анегдотата со Колумбо, откако никој не успеал во задачата, тој малку го поткршил долниот дел од јајцето за да му направи основа, и откако ја добил нарачката, со слична симболика на јајце ја направил и самата градба.

26 јуни 2015 - 22:30