Рејдиохед отвори „јавна библиотека“

Станува збор за нова онлајн архива која ја содржи историјата на бендот, претходно недостапни раритетни снимки, живи настапи и друг материјал.

Новиот сајт под името Radiohead Public Library содржи архивски материјал поврзан со сите 9 студиски албуми на групата, вклучувајќи музички видеа, живи ТВ изведби, корици за албуми и њуслетер-от на бендот, w.a.s.t.e., кој се објавува три пати годишно.

Како дел од промотивните активности поврзани со новиот сајт, сите членови на бендот ќе бидат „библиотекари“ на по еден ден, со тоа што на социјалните мрежи ќе претставуваат сопствен избор од архивскиот материјал. Ќе се издаваат и посебни Рејдиохед библиотечни членски карти, што значи дека секој фан ќе има свое бројче со кое ќе може да се најави во библиотеката, да го користи материјалот, но и да има предност при купување, на пример на сувенири поврзани со групата кои се одамна распродадени, а кои сега ќе може да се набават по специјална порачка.

Идејата на архивата е да централизира големо количество материјал кој претходно е споделуван со низок квалитет и во бутлег форма преку интернет. Бендот почувствувал потреба да ги земе работите во свои раце и да им обезбеди на своите обожаватели целосни информации и увид во историјата и сегашноста на Рејдиохед.

Сајтот беше пуштен денес, 20.01, а библиотечната дејност на Колин и Џони Гринвуд, Ед О’Брајан, Филип Селвеј и Том Јорк ќе трае до 24 јануари.

20 јануари 2020 - 15:52