А ние мислевме нашите се бавни

Речник кој по 122 години е до „н"

Во баварски замок во Минхен постои библиотека со висок таван и специфичен книшки мирис, каде е сместена една од најголемите збирки латински текстови на светот. Група истражувачи тука пишуваат нешто што би требало да биде најдеталниот речник на овој јазик до сега. 

Проектот е еден од оние кои со право можат да се наречат „повеќегодишни“ - претходниците на денешните истражувачи го започнале уште во 1894. По век и кусур, последниот том, објавен во 2010, ги содржи сите зборови кои почнуваат со П. 

И тоа не е сè. Соочувајќи се со бројноста на единиците кои би требало да влезат под „Н", истражувачите на времето одлучиле да ги прескокнат, па сега работат паралелно и на нив, и на „Р". Со тоа си имаат обезбедено работа за следната деценија.

Thesaurus Linguae Latinae, како што е официјалното име на речникот, е еден од големите проекти со кои се зафатила владата на Германија во доцниот 19 век. Во текот на двете светски војни и обединувањето на Германија, генерации проучувачи на латинскиот не престанале да работат на заедничката цел: да ја документираат секоја употреба на секој латински збор од најраните написи на овој јазик во шестиот век пред нашата ера, до 200-тата година од нашата, кога неговата употреба како говорен јазик почнала да опаѓа. Со оглед на обемноста на проектот, тие ќе се обидат да вклучат латински зборови до шестиот век од нашата ера.

Ова подразбира копање по поезијата, историјата и по говорите, потрага по надгробни споменици и натписи на улици. Проучување на архитектонски дела, медицински и правни текстови, книги за животни и за готвење.

Во секоја од малите кутии како оваа на фотографијата има над 1000 референци за одреден латински збор. Во оваа се чуваат белешки направени пред повеќе од 100 години, и тоа за само два збора, redargua (сопрен) и reddo (враќа, обновува). Проектот е финансиран од германската академска програма (Akademienprogramm), како и други спонзори од целиот свет кои се заинтересирани тој да заврши, па макар и за неколку децении.

Еден од најтешките зборови ѝ се паднал на Маријке Отинк, Холанѓанка, која работи на Тезаурусот цели 19 години - зборот res, што може да значи куп работи, како „нешто", „предмет", „материја". „Никој не волонтира за ваков збор", вели таа, работејќи на него цели 7 години, и до сега има наполнето 16 кутии со белешки.

Отинк и нејзините колеги сè уште користат ваков, рачен начин на запишување, со посебно разработена методологија за поврзување на пасусите и текстовите со одреден збор. Секако, постојат голем број речници на латински, но повеќето од нив повеќе личат на списоци на зборови, без комплетна анализа на етимологијата и употребата. Истовремено, постојано се откриваат нови артефакти и записи кои не биле земеи предвид во претходните речници. Рокот за овој е 2050, но оние кои работат на него не веруваат дека до тогаш ќе биде завршен со ова темпо.

Дали парите, времето и енергијата вложени во него навистина вредат? Nescio - збор на Н за „не знам", на кој уште се работи.

20 мај 2016 - 09:38