Разбивање табуа: прв сексуален прирачник за муслиманки напишан од муслиманка

Дали жената може и треба да биде задоволна во брачниот кревет, а сепак да остане доследна на верските поуки? Прв ваков водич напишан од муслиманка се обидува да одговори на ова прашање.

„Халал водич за сјаен секс“ на авторката Умм Муладат е прв ваков водич напишан од муслиманка. Авторката одлучила да остане анонимна, па името на корицата е всушност нејзин псевдоним.

Книгата нуди совети за сè, почнувајќи од бакнување до „јавачка“ поза, при што суштинската порака е дека муслиманките можат и треба да уживаат во живописен сексуален живот и да не се снебиваат од тоа да преземат иницијатива во (брачниот) кревет.

Додека некои критичари ја обвинуваат за фетишизирање на муслиманските жени и поттикнување промискуитет, книгата е широко прифатена од читателките кои авторката ја доживуваат како муслиманска верзија на Саманта од „Сексот и градот“. Секако има и такви кои велат дека сексуални совети не им се потребни, затоа што сè на оваа тема им било кажано со време од бабите и од мајките.

Муладат е внимателна кога нагласува дека се работи за секс исклучиво со брачниот парнер, но за таков во кој жената, па и според исламските традиции, има право да биде задовол(е)на.

На нејзина страна се и муслиманските женски организации, кои велат дека книгата овозможува оснажување на жените и нивна заштита од влегување и останување во врски во кои има сексуално малтретирање. Освен тоа, зборувањето за сексот во исламот не е нешто ново, иако тие традиции како да се потиснати и заборавени. Книгата има и педагошка функција, бидејќи девојките често влегуваат во брак со многу малку знаење за сексот, а она што им се кажува (од дома или од други прирачници) главно се однесува на она што е забрането, а не на она што е дозволено. Вината во врска со сексот им се вградува уште од детство - уживањето во него се претставува како нешто „валкано“, а неговата единствена цел е репродукција. Ова според авторката и оние кои ја поддржуваат е крајно време да се промени, но сепак така за да се остане „халал“.

Она што засега се знае за Муладат е дека е психолог родена во САД, и дека книгата е базирана на нејзинните лични обиди да го „зачини“ брачниот живот, како и совети кои ги добила од пријатели и од стари копии на „Космполитан“.

18 јули 2017 - 17:33