Кили за магистерска

Расел Бренд за матурски испит во Британија

Ставови на Бренд за декриминализација на дрогата, твитови од славни личности, хип-хоп и контроверзни спортски мемоари се дел од предлог-пакетот реформи на завршниот испит по англиски јазик и литература за средношколци. Предложени од конзервативниот министер за образование. Што не е јасно тука?

A-level е диплома која учениците ја стекнуваат со завршување на средно или пред-универзитетско образование во Британија. Најнови реформи предвидуваат во задолжителните материјали по предметот англиски јазик и литература да бидат вклучени и изјави на Расел Бренд за дрогата, твитови на водителката и колумнистка Кејтлин Моран, интервју за Би-би-си на раперот Дизи Раскал направено од Џереми Паксман ноќта кога Барак Обама стана претседател на САД во 2008, како и книгата „Јас сум таен фудбалер" од анонимен автор, контроверзен опис на мрачните страни на тоа да се биде фудбалер.

Предложените промени се резултат на реформските напори на министерот за образование Мајкл Гов, инаку конзервативец, кој смета дека на овој начин ќе ја приближи наставната програма кон реалниот живот и ќе ја поттикне креативната способност на учениците. Органот кој ја составил предлог-програмата - Oxford, Cambridge and Royal Society of Art (OCR) - вели дека познавањето на еден јазик не се состои само од владеење на неговата литературна варијанта, туку и на говорниот јазик и сленгот, кои до сега не биле земани предвид како релевантни за општата култура и образованието на учениците, туку напротив биле поттиснувани. Секако, материјалите вклучуваат и потрадиционални текстови, како Шекспировите драми и делата на Шарлот Бронте.

Но официјалното Биро за образование молскавично и остро го коментирало предлогот велејќи дека „училиштата треба да бидат свесни дека ако го понудат ова ѓубре наместо соодветниот материјал за А-ниво, тогаш учениците нема да влезат на добри универзитети".

Текстовите на Расел Бренд се всушност негово сведочење пред членовите на парламентот, каде тој изјавува дека забраната на дрогите воопшто не помага во спречување на зависностите и бара ревизија на политиките на оваа тема. Во интервјуто пак на Дизи Раскал по повод победата на Обама, тој изјавува: „Мислам дека тој никогаш немаше да успее во ова без хип-хопот".

Новата програма очекува акредитација следниот месец. Неговите составувачи ја смируваат јавноста со зборовите: „Ако сте загрижени дека Расел Бренд ќе стане нашиот следен најславен поет, не се секирајте. Барем засега нема опасност од тоа."

7 мај 2014 - 08:36