Птичарот од Алкатраз

Бил еден од најозлогласените криминалци во САД на почетокот на 20 век. Но титулата „најпознат затвореник на Алкатраз“ не ја заслужил толку со своето криминално минато, туку со едно необично хоби за затворски услови.

Роберт Страуд избегал од дома кога имал 13 години, и веќе на 18 станал макро на Аљаска. Во јануари 1909 убил шанкер кој ја нападнал неговата љубовница, за што бил осуден на 12 години робија. Во затворот се здобил со репутација на опасен затвореник кој често се конфронтирал со вработените и со другите затвореници. Во 1916 со нож прободел чувар по што овој починал. За ова бил осуден на смрт со бесење, но по неколку судења казната била преиначена во доживотен затвор во самица.

Во 1920 Строуд открил гнездо со три повредени ластовички во дворот на затворот. Почнал да се грижи за нив, а бидејќи во тоа време на затворениците понекогаш им било дозволено да чуваат канаринци, Страуд купил неколку примероци и за неколку години направил јато од 300 птици. Ги чувал во импровизиран кафез од дрвени даскички, а знаел и да ги продава на други затвореници во замена за храна и цигари. Почнал детално да ги истражува птиците, а ова му било дозволено од тогашните затворски власти, кои се обидувале да направат затворски реформи и да го прикажат како позитивен пример. Ја напишал книгата „Болести на канаринците“, која содржи детални информации за овие птици, како анатомија, исхрана, инсекти и паразити, повреди итн. Книгата тајно е изнесена од затворот и објавена во 1933, по што се здобил со симпатии помеѓу орнитолозите и фармерите, кои во неа нашле битни информации, особено за птичјата патологија.

Сепак сето ова внимание почнало да ги нервира вработените во затворот. На Страуд секојдневно му пристигнувала толку многу пошта што било потребно да се ангажира посебна секретарка која би ги читала и проверувала писмата. Од неговата ќелија, поради птиците, се ширела неподнослива смрдеа. Обидот да му се забрани да продолжи со оваа работа резултирала со масовна кампања и петиција потпишана од 50.000 луѓе која му била испратена директно на претседателот Хувер. Ова резултирало не само со дозвола тој да продолжи да чува птици, туку дури и со одобрение да му се даде посебна просторија за нив.

Сепак, кога по неколку години се открило дека дел од опремата за лабораторијата, која му била дадена за истражувањата, ја користи да прави алкохол, Страуд бил префрлен во Алкатраз. Одлуката му била соопштена само десет минути пред да ги напушти саканите птици, кои заедно со опремата биле испратени кај брат му. Поминал уште 17 години во затвор (од вкупно 54) и починал во 1963 на возраст од 73 години.

Пред смртта се сретнал со Берт Ланкестер, кој го играше во филмот „Птичарот од Алкатраз“ базиран на неговата биографија. Тој како филм доби високи оценки но поттикна остри реакции во однос на шармантниот лик на птичарот, кој воопшто не бил таков во реалниот живот. Во 2018 Кристи го продаде неговиот личен орнитолошки атлас, цртан со молив, кој ги содржи и најситните детали од птичјата анатомија. 

22 април 2021 - 08:56