Пронајден загубениот албум на Џон Колтрејн од 1963

На 29 јуни ќе биде објавен албум на славниот џез музичар и саксофонист, за кој до сега се сметаше дека е исчезнат.

„Во обата правци истовремено: загубениот албум“ бил снимен на 6 март 1963 во студијата Ван Гелдер во Њу Џерси, а на него учествува квартетот кој стои и зад други ремек-дела на Колтрејн, Џими Гарисон на двоен бас, Елвин Џонс на тапани и МекКој Танер на пијано.

Мастер снимката од овој албум била загубена, а најверојатно била и уништена во раните 1970-ти кога етикетата Импулс! го редуцирала магацинскиот простор. Но Колтрејн својата снимка ѝ ја дал на жена си Наима, и покрај лошата состојба на нивната врска во тој период. Парот се развел во 1966, а снимката останала во сопственост на нејзиното семејство.

Сони Ролинс, кој заедно со Колтрејн се смета за еден од најдобрите џез саксофонисти на сите времиња, го опишал откритието како „пронаоѓање на нова просторија во Големата пирамида“.

Помеѓу седумте композиции има две до сега неслушнати, наречени Без наслов Оригинал 11383 и Без наслов Оригинал 11386, обете изведени на сопрано саксофон. Друга композиција, под наслов „Едно горе, едно долу“ до сега ја имаше само на бутлег изданија во живо од џез клубот Брдленд, а никогаш претходно во ваква студиска верзија.

Насловот „Во обата правца истовремено“ (Both Directions at Once) доаѓа од упатства на Колтрејн за некоја композиција која требало да се свири „како да почнеш реченица на средина, а потоа истовремено одиш кон почетокот и кон нејзиниот крај“. Јасно е, нели?

John Coltrane - Untitled Original 11383

9 јуни 2018 - 09:02