Професорот кој ги претвора научните истражувања во хип-хоп

„Информациите не се само за елитата“, вели професор кој се обидува да ги информира и оние вон универзитетските ѕидини за она што се случува во нив.

„Голем дел од академските расправи се интелектуална мастурбација“ вели Мартин Глин, професор по криминалистика од Универзитетот во Бирмингем. Според него, резултатите од научните истражувања ретко одекнуваат вон академските кругови, а единствената нивна цел е да им служат и да ги задоволат оние внатре нив.

Но ова претставува особено голем проблем кога станува збор за истражувања кои се однесуваат на маргинализирани заедници, во случајов во Британија, кои немаат никаков пристап до податоците кои се однесуваат на нивните животи.

Глин се надева дека вербализацијата на податоците - нов метод според кој детални истражувања се „зипуваат“ во краток текст кој потоа се претвора во стихови и се придружува со музика, може да го промени ова. Тој ги „преведува“ истражувањата во формат кој е лесно разбирлив, и поставувајќи го онлајн директно го става во рацете (и ушите) на пошироката јавност. Вели дека ова му овозможува начин да ги развива пораките кои знае дека ќе одекнат на улица. „На овој начин можам да ги заобиколам раководителите на катедрите, па дури и политичарите“, додава тој.

Глин најпрвин го искористил методот врз сопствен стручен текст, негово излагање на конференција од 10.000 зборови кое го скратил на 12-минутна песна под наслов „Замолчени“. Станува збор за истражување на масовното затворање на црни мажи заради различни наводно сторени кривични дела. Тој работел со млади музичари од својот град, кои му помогнале да ја рашири песната и на интернет, но и да биде пуштана на радио и во локалните продавници.

Реакцијата била неверојатно бурна, а песната ја промовирале и познати хип-хоп артисти. Тогаш тој и неговите соработници одлучиле и официјално да ја издадат на iTunes.

Самиот Глин има необично потекло - растел во Нотингем во „модерно гето“, како дете на бела мајка и црн татко. Како дете често бил изложен на навреди и дискриминација. Уште тогаш почнал да глуми и да се занимава со музика. Правел сатирични и понекогаш политички ангажирани стендап комедии, често рецитирајќи и своја поезија. Подоцна бил активен и во движења за социјална правда, и ова го вовело во работата со затворскиот систем, која до денес трае повеќе од три децении. Иако немал официјална диплома, заради големото практично искуство му било дозволено директно да магистрира (!) во областа на криминологијата.

Сега тој има и нова книга „Зборување податоци и раскажување приказни: вербализација на податоци за истражувачи“, која е некој вид учебник или помагало за истражувачи кои би сакале да го следат неговиот метод. Тој се надева дека на овој начин резултатите од истражувањата, во која и да е област, ќе станат пристапни за сите, а не само за малкумината привилегирани.

22 март 2019 - 11:38