Професорката од Уганда која користи радикални навреди како форма на активизам

Стела Нјанзи предавала на елитен универзитет, но во длабоко конзервативната Уганда одбрала малку незгодна тема за проучување - хомосексуалност. Притисоците кои ги трпела од неа направиле необичен вид активист, кој ја црпи силата од немилосрдна дрскост.

Јовери Мусевени е претседател на Уганда од 1986. Иако во текот на неговите пет мандати во земјата владее релативен мир, Уганда е позната по високото ниво на корупција, невработеност и сиромаштија. Истовремено тоа е многу конзервативна и христијанска земја. Во текот на епидемијата на AIDS, претседателот организирал паради на горда апстиненција, а неодамна владата предложила забрана на мини-сукњите и смртна казна за хомосексуалност.

Во една ваква средина професорката Стела Нјанзи (1974) почнува навидум банална караница со шефот на нејзината катедра на Универзитетот Макерере во Кампала, најстарата високообразовна институција во оваа земја. Таму таа завршила масовна комуникација и книжевност, за потоа да магистрира и да докторира во Британија, на теми од медицинската антропологија. Во 2005 раководела со истражувања на адолесцентската сексуалност во Уганда и Гамбија.

Расправијата била околу тоа дали таа треба да предава, или нејзината обврска е само истражувачка, како што самата тврдела. Уште тогаш без влакна на јазикот, не била баш омилена меѓу колегите, па набргу ситуацијата кулминирала со нејзина суспензија и одземање на клучевите од канцеларијата. Во знак на протест таа повикува новинари, зема канта со црвена боја и просто почнува да ги фарба просториите на универзитетот. Се создава гужва, доаѓа полиција, почнува да ги крши катанците со кои Нјанзи се има заклучено во делот со канцелариите, а сето ова го пренесува најголемата угандска ТВ станица, ВО ЖИВО.

Во моментот кога е јасно дека полицијата ќе стигне до неа и дека ќе ја уапси, на Стела и светнува идеја - кога вратата конечно се отвара, пред полицајците и пред камерите се укажува неверојатна сцена. Нјанзи е топлес, со големите гради истопорени како оружја. Голите гради се знак на протест помеѓу африканските жени со стотици години. Нигеријките го правеле ова против Британците во 1920-тите. А овој чин на Нјанзи се случува само една година откако група жени во северна Уганда се соблекле голи за да ја запрат владата од одземање на она што било нивна земја. Сепак, да се направи ова во просториите на универзитетот од страна на „учена жена“, било повеќе од скандалозно.

„Моите гради се посебни. Тие се долги и грди и дебели и имаат вени. И кога сум лута и тие изгледаат лути, тоа се цицки со посебни изрази“, изјавува таа неколку години подоцна за подкаст епизода на НПР посветена на нејзината приказна.

Ова секако не поминува незабележано во јавноста, и покрај обидите Стела да се претстави како психички пореметена. Се прават карикатури како таа лежи со градите врз нејзиниот притиснат шеф, со текст кој вели „еве како си ги доби клучевите назад“. Но пошироката политичка и ангажирана порака е загубена. Сите мислат само на цицките.

Откако татко ѝ, инаку познат доктор, умира од удар бидејќи никаде не може да го најде лекарството против згрутчување на крвта кое му е потребно, а мајката кратко време потоа умира затоа што нема достапна кола на брза помош, и онака полната чаша на Стела се прелева. Според локалната традиција, таа е „налонго“, мајка на близнаци што ѝ дава посебен статус. Во обред кој се случува при пораѓањето на жена со близнаци цела ноќ се пеат „мрсни“ песни, за голема вагина која се отвара и прска како „благ компир“. Сето ова за да се олесни пораѓањето но и за да се заузда силната енергија која се ослободува при раѓање на две суштества одеднаш.

Во момент во 2016 кога претседателот го добива својот петти мандат но не го исполнува ветувањето сите девојчиња да добиваат бесплатни влошки (за да не испуштаат настава, бидејќи инаку седат дома неколку дена месечно), Стела наоѓа причина да му се сипе со својата „налонго“ природа. Му пишува роденденска песна, која оди отприлика вака:

„Јовери, велат дека вчера ти било роденден - колку болно грд ден. Посакувам грмушката од валкани срамни влакна полни со вошки на твојата немиена мајка да те задавеле уште нероден...“

Дури и либерално настроен слушател/читател го фаќа јанѕа над вака изречените клетви. Се случува судење поради навреда на јавниот морал, и Нјанзи е осудена на 18 месеци затвор. Репортерите на подкастот се обидуваат да влезат во него со скриен диктафон, но таму има поставено загушувачи на сигнали. Она што го гледаат е дека Нјанзи е се уште одлучна и непоколеблива, но дека условите во затворот се лоши - таа мора постојано да седи на земја, дури и при посетите, нема пристап до прибор за пишување па од гнев пишува со измет по ѕидовите, и ги тера останатите затворенички да мастурбираат и на тој начин да покажат отпор.

Но и покрај нејзината бескомпромисност, последиците по семејството се големи. Нејзините три деца во интервјуто велат дека активизмот на мајка им „не се исплател“ и дека таа имала одговорност пред се кон нив, кон семејството, а не кон спасување на државата. Таа на некој начин им се извинува преку збирката „Нема ружи за мојата уста“, во која има поинаква роденденска песна посветена на постарата ќерка - „Пропуштените родендени“.

Меѓународниот ПЕН ѝ доделува награда за слобода на говор додека таа е уште во затвор. А кога излегува од таму прават и официјална церемонија, на која таа не може да седи на столче, туку постојано губи свест. На крај целиот настан го поминува седејќи на земја. После сета поддршка од меѓународни организации Универзитетот ѝ го враќа местото и клучевите од канцеларијата. Но по еден месец таа самата се откажува од нив. Одлучува да се кандидира за угандскиот Парламент, на избори кои ќе се случат овој февруари.

„Ние што одбиваме да бидеме слаби, стигнуваме до момент кога одрекувањето на нашата слабост ни ги оштетува телата. Но иако можеби моето тело е скршено, мојот ум се уште го заебава претседателот“, вели на крајот Стела Нјанзи.

Целата подкаст епизода тука

31 октомври 2020 - 11:34