Предизборна френологија

Прирачник од 1902 за читање на карактерот преку обликот на главата, ушите и носот

„Целта на оваа книга е да ве запознае со сите елементи на човечката природа и да овозможи нивно читање кај сите мажи, жени и деца, во сите земји“.

Вака гласи воведот во „Практичниот читач на карактери на Вот“ (Vaught's Practical Character Reader), објавен во период од историјата кога „френологијата“ - псевдонаучната област која се базира на теорија дека човечкиот интелект и карактер можaт да бидат одредени преку обликот на неговиот череп и други делови од телото - била одговорна за голем број неправди, давајќи основа на расизмот, сексизмот и други форми на дискриминација.

Овој практичен водич требало да ги приближи принципите на оваа „наука“ до пошироката јавност. Објавен од френологот Л. А. Вот во Чикаго во 1902, тој прикажува 42 познати елементи на човечката природа (како беневолентност, претприемачки дух, пријателско настроение) и како тие се манифестираат преку главите, носевите, ушите и брадите на луѓето. Притоа очите можат да бидат „сурови“, ушите „себични“ а брадите „сензуални“, но описите не остануваат само на вакви живописни епитети, туку се поткрепени и со дијаграми и слики. Тие од денешна гледна точка се хумористични, но во времето кога настанале од страна голем број луѓе биле земани страшно сериозно.

На пример според горната слика погледот на нечија глава одзади може да обезбеди сигурна проценка за чесноста на нејзиниот носител. Маж кој има глава ко превртен цреп е „апсолутно чесен“, а некој со бучук глава е себичен, „трики“ и склон кон измами.

Слични описи има и за женски глави, овој пат во профил, а тука се среќава и најинтересната категоризација во негативна смисла - СЛОВЕНСКОСТ. Таа подразбира дека поседувачот на овој збир својства е слаб на следниве карактеристики: совршеност, ред, самодоверба и нешто комплицирано што френолозите го нарекуваат „апробативност“ - склоп на ментални моќи поврзани со амбиција и супериорност. Ако мислите дека нема врска со Словени, прочитајте пак.

И што да ви кажеме после сето ова? Симнете ги фотографиите на нашите изборни кандидати и детално проучете ги нивните физички карактеристики. Можеби тоа - формата на нивниот череп, обликот на носот или челото - повеќе ќе ви помогне да одлучите за кого сте, отколку она што тие го зборуваат.