Од „Другарче“ број 1

Приказната за волкот, лисицата и камилата

Во далечната 1951 е излезен првиот број на списанието за деца на македонски јазик во повоена Југославија. Меѓу содржините со забавна и педагошка содржина, има и една интересна „народна“ приказна.

„Слонот не ја пие водата со сурлата. Тој најпрвин ќе ја шмркне со сурлата, па потоа ќе си ја ушприца во устата. со едно ушмркавање може да земе осум до десет литра вода“.

Вака почнува една од статиите во „Другарче“ број 1 од пред 68 години. Од аспект на јазик, ретро дизајн, теми и содржини ваквите списанија се скапоцени артефакти, кои српскиот сајт Историјске новине ги сочувал за нас.

„Кои народи јадат скачки?“, гласи наслов на втор, поради кој моравме да гугламе што е тоа побогу „скачки“ (скакулци биле, и според текстот ги јаделе варени во мед народи од Северна Африка). Во, од сегашен аспект, скандалозна антифеминистичка песна, се критикува мрзеливоста на извесна невеста која додека предела „тешка ја дремка нападнала“, толку тешка што кога се разбудила од фурката веќе имало никнато дрво, а на дрвото зрели дренки, од кои таа „се назобала“.

Но еве и една приказна која според нас содржи необична комбинација на животни како за македонска народна - волк, лисица и камила. Автохтониве (диви) животни никако да се договорат околу поделба на и онака нечесно заработен леб, па камилата-аутсајдер како посредник (ЕУ, НАТО, ММФ?) пресекува, ама во своја корист. Сè некако ни се чини дека во таа 1951 биле праќани сублиминални пораки кои уште не ги имаме дешифрирано ни во 2019.

***

ДЕЛБА

Се фатиле пријатели еден волк и една лисица и тргнале заедно на лов. Оделе, скитале низ гората.
но ништo не фатиле. Кога видела лисицата дека ништо не можат да уловат, му рекла на волкот:

- Ајде, куме, да одиме на лов в поле. Можеби таму ќе ни проработи касметот. Ако и таму нè стемни гладни, ќе влеземе ноќеска во некое село и ќе фатиме коковчиња. Се согласил волкот и слегнале во полето. Гледаат, еден селанец ора на нивата. Торбата со леб му била оставена покрај патот.

Лисицата полека се доближила до торбата и ја дигнала. Се вкриле со волкот зад една капина и ја одврзале торбата. Волкот го извадил лебот и сакал да го изеде. Се налутила лисицата и му го грабнала од устата.

- Не бива така - рекла таа Јас да го крадам, а ти да го јадеш. Не е право! Треба да си го поделиме по токму.

- Дај јас да го разделам! се озабил волкот, го зграбил лебот, ѝ скршил на лисицата едно коматче, а за себе си го оставил сиот.

- Мене ми се паѓа поголемо парче повикала лисицата. - Јас го украдов лебот! Дај јас да го разделам.

Скршила лисицата едно мало парченце, му го дала на волкот, а за неа си ја оставила целата погача. Се разлутил волкот и затраскал со големите заби. И лисицата се озабила и почнале да се караат. Во тој миг минувала покрај капината една камила.

- Зошто се карате?, ги прашала таа двајцата ортаци.

Волкот се поплакал од лисицата, а лисицата од него. И затоа што не можеле да се погодат, ја замолиле камилата да им биде судија.

- Добро - рекла камилата - само и мене ќе ми дадете дел. Ајде, кума Лисо. Подели го лебот на
три еднакви дела.

Лисицата го раскршила лебот на три дела, ама пак си го оставила за себе најголемото парче. Тогаш камилата го натерала волкот да го раздели лебот. Волкот делел, делел, за него си оставил најмногу.

- И двајцата не делите право, рекла камилата. - Дајте јас да го делам.

Го лапнала камилата сиот леб, ја дигнала високо главата и почнала спокојно да си јаде.

Разбрале волкот и лисицата дека камилата ги изиграла, ама не можеле ништо да ѝ сторат, зашто таа била посилна од нив. И за да не останат без ништо, почнале да ги собираат ронките што паѓале на земјата.

Си се најала убаво камилата, а волкот и лисицата ги свиткале опашките и си отишле гладни.

Народна приказна

17 мај 2019 - 08:33