Приказната за првиот филм режиран од слеп човек

Ваков филм би требало да привлече повеќе внимание отколку што тоа го направил „Бункер“. Работата е што никој не верувал дека Џозеф Монкс навистина го сработил. А овој вели дека го правел „со затворени очи“, водејќи се од сетилото за слух и довербата во актерите.

Кога актерите и екипата се појавиле на првиот предпродукциски состанок за независниот хорор филм „Бункер“ од 2011, мислеле дека снимањето ќе биде како и голем број други - дека ќе трае со денови, ќе има многу повторувања и голема дози лажна крв.

Но кога влегле во дневната на режисерот Џозеф М. Монкс набргу сфатиле дека нема да биде баш така. Тој ги информирал дека во следните денови тие нема само да снимаат филм, туку дека ќе учествуваат во правење историја - прв филм режиран од слепо лице.

Монкс го загубил видот во 2002 по битка со дијабетска ретинопатија, дегенеративна болест која ги погодува крвните садови во очната ретина. Иако делувал самоуверено дека и покрај хендикепот ќе може да режира, неколку членови на екипата веднаш го напуштиле состанокот. Оние кои останале, во текот на следните неколку денови создале долгометражен хорор филм, кого Монкс не само што го режирал туку и глумел во него.

Самиот тој признава дека „Бункер“ не е баш за Оскар. Тоа е нискобуџетен „инди“ трилер, со киндапирање и мачење снимен на неугледни локации, меѓу кои и спомнатата дневна. Па сепак, филмот е само дел од целата приказна, која дистрибутерите не ја земале предвид како можна реклама, особено имајќи го предвид фактот што Монкс бил прв слеп режисер кој снимил филм од кој и да е жанр. Така, пошироката јавност никогаш не дознала за филмот.

Сајтот Мел магазин неодамна направи интервју со Монкс, човекот кој самиот за себе вели дека го има загубено видот, но не и визијата. Вo него тој детално објаснува како дошло до тоа од сценарио за стрип да сними филм. Иако хоророт отсекогаш бил негов омилен жанр, доколку некое студио му понудело да направи романтична комедија или тинејџерска драма, тој би се нафатил и на тоа - едноставно му се режирало.

За снимањето на „Бункер“ тој најмногу се потпирал на слухот - на сетот инсталирале крцкав под преку кој тој можел да слушне кој каде се наоѓа и колку чекори има направено. Истовремено, „ги затворал очите“ и им се препуштал на емоциите, односно само преку гласот на актерите можел да заклучи дали она што тие го зборуваат и прават би имало влијание врз публиката. Проблем биле тивките сцени, како кога главната актерка сфаќа дека е киднапирана и сместена во бункер, и го изразува својот ужас само преку говор на телото. Ваквите кадри морале претходно да бидат детално договорени, и во голема мерка се потпирале на довербата меѓу режисерот и актерите. Генерално, излегува дека продукциски филмот немал големи проблеми во споредба со тоа какви конфликти знаат да избијат на сетови на не-слепи режисери.

Повод за интервјуто е всушност објавувањето на документарец за она што се случувало зад камерите, што треба да биде и доказ за тоа дека слепиот режисер не е некаква измислица која треба да го продаде филмот. Бидејќи тој останува и понатаму непродаден, а режисерскиот труд непризнаен. Монкс се уште се прашува зошто е тоа така. „Кога си единствениот во историјата кој направил нешто, не можеш да издржиш а да не си речеш - Зошто луѓево не обрнуваат внимание? Колку пати се случува нешто во Холивуд кое никогаш не се случило претходно?“

10 март 2019 - 21:17