„Приказната на слугинката“ не е предвидување - таа веќе се има случено

На овогодинешното доделување Еми, за многумина неочекувано, доминираше дистописката серија правена според роман на Маргарет Атвуд, која победи во пет од категориите. Често означувана како „научна фантастика“, таа е всушност спекулативна фикција, составена од работи кои историски веќе се имаат случено.

Прв пат објавена во 1985, „Приказната на слугинката“ е сместена во блиска иднина, во тоталитарната христијанска теономија Гилијад (во која библиските закони се истовремено и граѓански), чија војска ја има свргнато владата на САД, и која има воведено особено ригорозни правила за однесувањето на жените. Главниот лик, Офред, е посебен вид слугинка - една од малкуте плодни жени кои стојат на располагање, и таа, исто како и другите „слугинки“, служи како „инкубатор“ за деца на моќните мажи, замена за нивните неплодни сопруги.

Според книгата до сега се направени игран филм (од 1990, во режија на Волкер Шлендорф, по сценарио на Харолд Пинтер, со музика на Сакамото), опера (од 2000-та, на данскиот композитор Пол Рудерс) и спомнатата стриминг серија на Хулу со 10 епизоди од 2017, со втора сезона која се планира за 2018.

Иако се очекуваше дека „Вестворлд“ ќе биде дистопијата која ќе ги понесе повеќето Еми награди, тоа оваа година се случи токму со „Приказната на слугинката“, која доби признанија за најдобра ТВ серија, најдобра главна и споредна улога и најдобра режија и сценарио. Атвуд, присутна на доделувањето, беше во центарот на вниманието, а често споменувана споредба беше онаа меѓу опишаните настани во нејзината книга и „ерата на Трамп“.

Ваквата врска секако не е исклучена, но она на што Атвуд инсистираше во интервјуата по излегувањето на серијата беше дека опишаното во неа веќе се има случено, на овој или на оној начин, во одреден историски период и во различни земји, и дека нејзината порака е тоа никогаш повеќе да не се повтори. Во 600-те кутии материјали кои Атвуд ги има донирано на библиотеката на Универзитетот во Торонто има и таква означена со „Приказна за слугинката: позадина“, која содржи исечоци од печатот од средината на 80-тите: вести за законската забрана на абортус и контрацепција во Романија, извештаи за опаѓачкиот наталитет во Канада и текстови за тоа како американските Републиканци се обидуваат да го укинат федералното финансирање на клиники кои вршат прекин на бременост. И вест од Асошијетед Прес, за католичка конгрегација од Њу Џерси преземена од фундаменталистичка секта, во која жените се нарекуваат „слугинки“ (handmaidens), збор кој Атвуд го има подвлечено.

Сè во книгата, значи, е или базирано на историски пример, или на современ настан. Така, за ритуализираните зачнувања во романот, кои се практично обредно силување, таа се инспирирала од Библијата („И му рече Рахил на Јакова: Еве ја слугинката моја, Вала, влези при неа; нека ми роди таа в скут, па и јас ќе имам деца од неа“, Прва книга Мојсеева 30:3). Пред една деценија книгата била забранета во средно училиште во Тексас заради наводната антихристијанска содржина и експлицитниот секс. Во отворено писмо до одговорните, Атвуд тогаш нагласила дека во Библијата има многу повеќе сцени со секс отколку во нејзината книга, и дека таа не е научно-фантастична, туку спекулативна, што значи дека служи и како укажување и предупредување.

Романот е пишуван во текот на (орвеловската) 1984, додека Атвуд живеела во Западна Германија, на рака, на жолти листови хартија од нотес, а потоа препишувана на изнајмена германска машина за куцање. Берлинскиот ѕид се уште постоел, а СССР имала уште пет години живот. Во текот на неколкуте посети зад Железната завеса таа сведочела за стравот, тишините и тајните начини на комуникација, кои ќе најдат место и во нејзината книга. Најпрвин се снебивала да напише дистопија, бидејќи жанрот според неа содржел голем број стапици, на пример тенденцијата да се проповеда и да се запаѓа во алегории. Токму од ова произлегла и нејзината одлука во книгата да не стави ништо што веќе не се случило, во она што Џојс го нарекува „кошмар“ на историјата, ниту пак технологија која тогаш веќе не стоела на распоагање. Без замислени апаратчиња, без замислени закони, без замислени злосторства. Оттаму, Републиката Гилијад е изградена на 17-вековните пуритански корени, кои лежат под она што го знаеме како модерна Америка.

Во книгата бројот на население се намалува заради токсичната околина, а наталитетот е на ризичен минимум. Под тоталитарни режими владеачката класа вообичаено ги монополизира вредните нешта, па така елитата воведува правило плодните жени да им бидат доделени како Слугинки. Споменатиот библиски пример е приказната за Јаков и неговите две жени, Рахел и Леа, и нивните две слугинки. Еден маж, четири жени, 12 синови, при што слугинките, иако ги родиле, немале право на децата.

Оффред е игра на зборови, бидејќи командантот на кого е доделна главната хероина се вика Фред, па така, на македонски, таа би била „Фредоица“, како знак за своина. Но внатре името се содржи уште една симболика „offered" како понудена, принесена на жртва. Нејзиното вистинско име никогаш не се дознава, исто како и оние на голем број луѓе низ историјата на кои им биле сменети идентитетите, или кои едноставно исчезнале.

Во серијата Атвуд се појавува во мало камео. Сцената е онаа во која новорегрутираните слугинки се тренираат во институција позната како Црвениот центар. Тие мора да се откажат од претходните идентитети, да си ги знаат местото и должностите и да разберат дека немаат никакви права, ниту можност за побуна. Атвуд е во групата која малтретира една од девојките, која откако признава дека била силувана како тинејџерка добива порција скандирање „Твоја вина, твоја вина“. И покрај тоа што Атвуд оваа сцена ја доведува во врска со модерното „слат шејминг“ на социјалните мрежи и во медиумите, таа сепак тврди дека ова не е феминистички роман во смисла на идеолошки трактат. Тоа е роман во кој жените се човечки суштества, со сиот вариетет на карактери и однесувања што го подразбира тоа, а она што им се случува е суштинско за темата и заплетот. Книгата исто така не е антирелигиска, туку е против употребата на религијата како фронт за тиранија.

А дали „Приказната на слугинката“ тогаш кога е напишана била предвидување? „Да речеме дека е антипредвидување“, има изјавено Атвуд, „Ако иднината може да се опише во детали, можеби таа нема да се случи. Но не можеме да зависиме од ваквото магиско мислење“.

19 септември 2017 - 10:09