Повик за повлекување на 400 научни статии заради неетичко користење органи од кинески затвореници

Студија спроведена од австралиски истражувачи повикува на масовно повлекување на повеќе од 400 научни трудови поврзани со трансплантанција на органи. Причина: сите органи врз основа на кои биле правени трудовите биле неетички добиени од кинески политички затвореници

Станува збор за масовно непочитување, од страна на медицински научни списанија на англиски јазик, на меѓународни и актуелни етички стандарди, кои бараат донаторите на органи да дадат согласност за трансплантација.

Студијата е објавена денес, 05.02 во медицинското списание BMJ Open. Нејзинaта авторка, професорка по клиничка етика Венди Роџерс, изјавила дека истражувачите и клиничките лекари поврзани со истражувањата се служеле со „варварски“ методи на набавка на органи.

„Нема вистински притисок врз Кина да стане потранспарентна во однос на ова прашање. А пак сите инволвирани креваат раменици и како да велат `Тоа не е наша работа`. Молчењето на светот во врска со овој ужасен проблем мора да запре“, вели таа.

Извештај од 2016 пронајде голем јаз помеѓу официјалните бројки за трансплантации кои ги издава кинеската влада и бројот на реални трансплантации кои ги извршиле кинеските болници. Додека владата вели дека секоја година се изведуваат 10.000 трансплатанции, болничките податоци покажуваат бројка од 60-100.000. Извештајот обезбедува докази дека оваа разлика се должи на органи добиени од егзекутирани политички затвореници.

Во 2017 Европскиот парламент објави декларација која го осудува собирањето органи од политички затвореници и ги повика официјалните кинески власти да престанат со оваа практика.

Роџерс и нејзиниот тим ги издвоил сите истражувања кои се вршени врз кинески субјекти, а се објавени во престижни и рецензирани медицински научни списанија помеѓу јануари 2000 и април 2017. Станува збор за 445 студии кои вклучуваат 85.477 транспланти. Но 99% од нив не содржат податок дали донаторите ја имаат дадено својата согласност. и дали воопшто биле информирани дека се дел од некакво истражување

Иако претходно имало случаи на повлекување поединечни статии од оваа област заради сомнежи за неетичност, ова е прв пат некоја студија систематски да го истражува начинот на којшто академската фела се однесува кога е во прашање блокирањето на неетичкото истражување во областа на трансплантациите.

5 февруари 2019 - 18:51