Клучен збор: љубов

Последните зборови на осудените на смрт

Сајтот е црн. Од време на време се појавуваат реченици кои полека исчезнуваат од екранот. Во сите нив го има зборот „љубов". И тоа е отприлика сè.

Ве сакам сите.

Морам да одам сестро, те сакам.

Не можам да ја изразам тагата која ја чувствувам нанесувајќи им болка на моите сакани.

Божјата љубов е бесконечна.

Ја запознав љубовта на една добра жена, мојата сопруга.

Ова се последните зборови на осудените на смрт во Тексас. Нив на сајтот ги прикачува информатичарот Дариус Каземи (@tinysubversions на Твитер), црпејќи ги во реално време од деталната архива која за секој егзекутиран ја води државата. Освен името, возраста и стореното дело таа ги содржи и последните зборови на осудениците. Но Каземи користи едноставен код за да ги издвои само оние во кои се појавува зборот „љубов".

Машините ни овозможуваат радикално да го реконтекстуализираме јазикот. Луѓето создаваат ботови кои го твитаат секој збор во англискиот јазик, еден по еден. Неодамна се појави бот кој ви одговара користејќи ги вашите сопствени зборови. Има и таков кој ги комбинира Шекспировите сонети за да создаде сосема нова песна. 

Но овие текстуални машини се забавни или практични. Сајтот на кој работи Каземи е повеќе емоционална машина. Таа ја комбинира древната традиција на последните зборови и ги поврзува, како во некој вид разговор. Тоа што ова се последни зборови на луѓе осудени на смрт создава посебно, морничаво чувство. Се зачитав во тоа зошто се осудени и има такви кои направиле навистина страшни работи. Па сепак, можеби само им требало повеќе љубов.

Тексас извршува повеќе смртни казни од која и да е друга држава во САД. Во јуни оваа година беше извршена 500-тата. Последната е од пред нешто помалку од еден месец. Осудениот Џејми МекКоски изјавил: Ве сакам. Подготвен сум да заминам.

Извор: Атлантик

4 декември 2013 - 17:44