Ракавицата е фрлена

Последниот двобој во Франција бил меѓу двајца политичари

Писателите Пушкин и Лермонтов, математичарот Галоа, американскиот министер за финансии Александар Хамилтон - сите овие биле жртви на двобои, започнати заради нарушена чeст. Но иако последните во повеќето земји се регистрирани во 19 век, во Франција тој се случил пред само 51 година.

Канада, 1833. Роберт Лион го предизвикал Џон Вилсон заради нешто што овој го кажал за локалната учителка. Вилсон го убил Лион, и потоа се оженил со учителката.

Англија, 1852. Се соочиле двајца француски политички бегалци, Фредерик Курне и Емануел Бартелеми. Вториот го убил соперникот, но потоа бил обесен заради прекршувањето на законот (кој во тоа време очигледно веќе забранувал дуели).

САД, 1859. Еден политичар кој го поддржувал ропството убил друг, сенатор-аболиционист. Местото на кое стоеле со вперени пиштоли во Калифорнија денес е регистрирано како историски споменик, а нивното оружје било продадено на аукција во 1998 за околу 35.000 долари.

Ова се последните официјални двобои регистрирани во наведените земји. Но оној во Франција се случил многу подоцна, во 1967, и тоа со мечување. Гастон Дефер, тогаш градоначалник на Марсеј и кандидат за претседател на Социјалистичката партија, зборувал во парламентот, кога негов политички противник, Рене Рибjер, почнал нервозно да се препелка во столчето и да коментира. „Прекини, серко“ - извикал Дефер. За возврат Рибjер го предизвикал на двобој со меч „шпага“, и за разлика од 12 години повозрасниот Дефер, кој понудил користење тапи оружја, побарал остри, и мечување до „прво пуштање крв“. Не се знае дали ваквиот самоубиствен нагон му дошол поради фактот што следниот ден имал закажано венчавка.

Дуелот се одржал на 20 април во двор на приватна резиденција западно од Париз. Бил воден со сите салтанати, со секунданти од обете страни, а како што се покажало подоцна и со присуство на ТВ камера. Рибjер одбил да сопре кога бил ранет прв пат, но кога тоа се случило и втор пат неговиот секундант ја прекинал борбата.

Дефер подоцна имал богата политичка кариера, а меѓу другото бил министер за внатрешни за време на претседателот Франсоа Митеран. Умрел од природна смрт на 75 години. За разлика од него, за Рибjер има скудна страница на Википедија само на француски, на која главна одредница му е дека „го започнал, а потоа и го загубил последниот официјален двобој во историјата на Франција“.

8 јануари 2019 - 11:41