Последниот бастион на предрасудите - зборувањето на дијалект

Замислете водител кој најавува авторитет од областа на меѓународната политика, кој треба да го објасни најновиот развој на настаните на линија Блиски Исток - САД. И замислете го како тој ја започнува својата анализа со - „Еми, пули сега вака..“. Нели веднаш ќе помислите дека е некој нов скеч на „Фчерашни“?

Лошите вицеви и стереотипите во врска со луѓето кои зборуваат нелитературно (на кој и да е јазик) за нијанса се разликуваат од оние поврзани со нечија раса, верски убедувања или сексуални преференци. Луѓето не си ја бираат расата. Верските убедувања знаат да бидат длабоко всадени уште од мали нозе, па чепкањето во нив секогаш е чувствително. Таков е и трендот на третирањето на сексуалните преференци, како инхерентни и независни од личен избор. Но наспроти сите нив, јазикот се смета за нешто што можеш да го бираш. Да зборуваш „соодветен“ англиски во Британија, на пример, под што се подразбира користење стандарден акцент без трага на дијалект, е нешто што би требало да го одбере секој разумен човек, особено некој од академските кругови. Секој оној кој би одбрал поинаку се смета или за примитивен и необразован, или просто дрзок.

Постоењето на академски предрасуди во врска со акцентот е особено иронично, со оглед на тоа што професорите и научниците обично себеси се претставуваат како либерали, „шетани“ луѓе кои знаат што е мултикултурализам и различност и немаат проблем со истите. Но, како што пишува Економист, реалноста во Британија е сосема поинаква. Да се исмеваат и поправаат оние кои зборуваат поинаку (со карактеристични акценти на работничката класа од англиската провинција), се смета за должност, па дури и за педагошки чин (особено кога станува збор за помладите), бидејќи на овој начин тие се насочуваат на вистинскиот пат кон искачувањето во економската и академска хиерархија. Не се признава дури ни преминот од еден во друг говор соодветно на официјалноста на ситуацијата - зборувањето на дијалект целосно се отфрла како „погрешно“.

Сензитивноста во врска со расата, родот и религијата веќе стана толку висока што изгледа дека во светот веќе има вишок политичка коректност барем на полето на јазикот (што не значи и реално зголемена почит и емпатија). Но преголемиот акцент на овие права и слободи прави во сенка да паднат некои други, како во случајов она за слободно користење на својот дијалект, без срам и страв од исмевање.

Во секојдневниот говор и на социјалните мрежи кај нас не сме забележале дека дијалектите се повод за нечија дискриминација, можеби повеќе основа за локал-патриотизам, лајт хумор или едноставно потреба да си се биде свој на своето (наречје). Но во секоја друга област (политика, академска средина, деловни односи, бизнис) користењето дијалект не доаѓа предвид. Дури и кога говорниците доаѓаат во ситуација да кажат нешто со нестандарден јазик, тие како да сакаат да се оградат, па обично започнуваат со „како што се вели народски..“. А народот велел и ќе вели на оној јазик кој му е најблизок и на кој му е најлесно да се искаже. Во него можеби нема зборови како „редундантно“ или „инклузивност“, но пак има многу повеќе разбирачка и природност.

Затоа, не бидете лингвистички уљандисани ако некој зборва како што му иди, чактисајте што тој навистина кажува.

26 мај 2017 - 17:43