Нови уметнички форми

Портрети од отпушоци, мастики и влакна

Хедер Дуи-Хагборг е таканаречен „информациски уметник", таа создава уметност која отсликува различни типови истражувачки резултати. Еден од нејзините проекти - правење портрети врз основа на ДНК анализа на влакна и исплукани мастики за џвакање.

Со пар гумени ракавици, Хедер подолго време како некаков форензичар-аматер се прикрадувала во јавното ВЦ на станицата Пен во Њујорк и собирала влакна во пластични ќеси. Потоа продолжила со други јавни простори, па дури и со музеи, каде собирала нокти, отпушоци и исплукани мастики. Понекогаш луѓето чудно ја гледале, но Њујорчаните, како што вели самата, се навикнати да гледаат луѓе кои прават чудни работи.

30-годишната студентка по електронски уметности на Политехничкиот институт во Трој, Њујорк, од секој од овие 'докази' екстрахира ДНК, и ги внесува податоците во компјутерска програма, која потоа генерира модел на лицето на сопственикот на влакното, ноктот, цигарата или мастиката.

Потоа, користејќи 3Д печатач, Дуи-Хагборг од него изработува вистинска скулптура. Серијата е насловена „Визии на туѓинци" и се состои од вакви портрети во реална големина, кои кога ќе се закачат на ѕидовите на галериите делуваат по малку страшно. Покрај секој портрет има кутија која го содржи оригиналниот примерок на ДНА, датумот и фотографија од местото каде е земен.

Сепак и таа има одредени граници - не собира плуканици или искористени кондоми. Но вели дека отпушоците ѝ вршат најмногу работа, бидејќи во филтрите се задржуваат голем број генетски информации.

Отпушок собран на станица во Бруклин, чија анализа покажала дека лицето е женско со европско потекло, со кафени очи (портретот доле).

Секако, не постои начин да се покаже колку овие реконструкции се прецизни. Истражувањата за поврзаноста на гените со специфични карактеристики на лицето се во зародиш. Така, тешко е да се процени, само врз основа на екстрахираната ДНК, колку е старо лицето за кое станува збор, па затоа портретите покажуваат главно 25-годишни верзии на истите.

Овој проект е оценет како одличен пример за комбинирање на технологијата, генетиката и уметноста. Но на Дуи-Хагборг веќе ѝ се обраќаат за да решава судски случаи, односно да изработува портрети добиени од земен примерок од ДНК на местото на одредено злосторство. Тука границата помеѓу уметноста и стварноста веќе се замаглува.

Мастика собрана во близина на споменатото место, кое покажало дека човекот е со мешано домородно американско и јужно-американско потекло (портретот долу).

(фотографија на насловна - уметничката до својот автопортрет генериран од нејзината ДНК)

5 мај 2013 - 11:26