Дали непослушноста се учи?

Пет децении од вознемирувачкиот експеримент на Милграм

Во 1961, професорот по психологија на Универзитетот Јеил, Стенли Милграм, објавил оглас во весник: „Плаќаме 4 долари по час. Бараме 500 луѓе кои ќе ни помогнат да спроведеме научно истражување за меморијата и учењето". Повеќе од 50 години по неговиот озлогласен експеримент, научниците сè уште се фасцинирани од резултатите, иако немаат баш добро објаснување за нив.

На огласот се одзвале стотици луѓе (и мажи и жени), кои се појавиле во лабораторијата на Милграм за да учествуваат во експеримент кој набргу се претворил во нешто поинакво од најавеното. Под контрола на експериментаторот, волонтер - наречен „учителот" - му читал низи зборови на неговиот партнер, „ученикот", којшто пак бил поврзан за машина за електро-шокови во другата просторија. Секој пат кога ученикот ќе направел грешка при повторувањето на низата, учителот требало да ја активира машината, најпрвин со 15 волти (мал шок), а потоа качувајќи до 450 волти (опасност: силен шок). Неколкумина кога слушнале што се бара од нив веднаш се откажале, но други немале гајле, и оделе до 450 волти, иако ученикот молел за милост, кажувајќи дека има проблеми со срцето, а по ударот со јака струја целосно замолкнувал. Всушност, вистинскиот шок бил следниов - дека дури 65% биле подготвени да го свртат прекинувачот до потенцијално смртоносната волтажа.

Секако, тие не знаеле дека шковите не се реални, дека криците се претходно снимени, а дека „ученикот", некаков службеник на железница, си седел жив и здрав во другата просторија. Она што исто така не го знаеле е дека наскоро ќе го прослават Милграм, затоа што со нивното однесување ја докажувале неговата теза: дека обичните луѓе, под влијание на авторитетна фигура, би можеле да се потчинат на секаква наредба, па дури и на тоа да вршат тортура. Овој феномен е користен како објаснување на бројни злосторства - од холокаустот, до Абу Граиб.

Повеќе од пет децении откако биле објавени првите резултати во Journal of Abnormal and Sоcial Psychology, и нешто помалку од појавувањето на книгата на Милграм „Потчинување на авторитет: експериментот кој ја предизвика човечката природа" (1974), експериментот на Милграм сè уште е присутен во поп културата, на пример во контроверзен француски документарец спакуван како натпреварувачко шоу, колекција накит, и биографски филм „Експериментаторот". Истовремено, иако една година по експериментите само 10 студии содржеле референца на работата на Милграм, во 2012 тој број изнесувал повеќе од 60.

Луѓето изгледа се долгорочно фасцинирани од „драматургијата" на експериментот - тој, велат, се доживува како театарско дело. Но за повторното оживување на интересот за истражувањето придонесува и фактот што Јеил на почетокот на 2000-тите започнал со дигитализација на купиштата документација донирана од вдовицата на Милграм. Таа, можеби и не премногу неочекувано, содржела куп „валкан веш", кој критичарите на Милграм како едвај да го дочекаа, укажувајќи на неетичноста и во одреден степен на лажноста на неговите резултати.

Една од нив е Џина Пери, која ја има документирано нејзината потрага по учесниците во истражувањето во книга од 2013, „Зад шокирачката машина: нераскажаната приказна за озлогласените психолошки експерименти на Милграм". Таа детектирала голем број методолошки проблеми во истражувањето - некои од учесниците знаеле дека се работи за измама, на други тоа не им било кажано и долго време по експериментот, а често пати се излегувало вон сценариото при давањето упатства на „учителот".

Но други гледаат пропуст не само во спроведувањето, туку и во подоцнежното толкување на резултатите, кои не ја земаат предвид целосната динамика на ситуацијата, којашто не се сведувала на простото „жртва-маченик". Метју Холандер, социолог од Универзитетот Висконсин, по анализа на снимените експерименти со 117 учесници, заклучил дека голем број од нив, од двете категории, се обидувале да пружат отпор и да го прекинат експериментот. Работата е колку експлицитно, агресивно и одлучно го искажале својот став. Оттаму способноста да се пружи отпор, според Холандер, е вештина којашто исто така може да се потикнува и да се подучува како и секоја друга - сè што треба да научи човек е што да каже и како тоа да го каже за да биде сфатен сериозно.

Црно-белото толкување на заклучоците на Милграм треба да се набљудува и во контекст на времето во коешто е спроведено истражувањето. Самиот почеток се совпаднал со судењето на Адолф Ајхман, еден од архитектите на холокаустот. Во 1963, пак, кога Милграм прв пат ја објавил студијата, Хана Арент ја промовирала изреката „баналност на злото" за да го опише Ајхман во нејзината книга за судењето, „Ајхман во Ерусалим". Милграм, роден во Њујорк во 1933 во еврејско семејство, ги сметал неговите резултати за потврда на идејата на Арент, а во текот на животот не можел да се отргне од помислата дека доколку се родел во Прага ќе завршел во гасна комора. „Никогаш нема да разберам каква среќа имав што се родив во болница во Бронкс", изјавил тој.

Целото негово дело е полно со спомнување на нацизмот, и е инспирирана од идејата за ситуационизмот - дека однесувањето на луѓето во голема мерка се формира од она што се случува околу нив. „Тие не се психопати, не се непријателски расположени, не се ненормални. Тие се луѓе, како јас и вие. Но ако нè ставите во одредена ситуација, можеме да бидеме расисти, сексисти, може да лажеме, да мамиме. И што е најлошо, тоа во умот на многумина е оправдување за неетичкото однесување - дека не е човекот крив што прави лоши нешта, туку е до ситуацијата". Далекусежниот заклучок е - ако нацистите само следеле наредби, сите можеме да бидеме нацисти.

Но работата изгледа поинаку ако се земат предвид варијациите - потчинувањето на некои од учесниците во студијата на Милграм била блиску до 100%, но на други била блиску до 0. Она што треба да се објасни (а уште не е објаснето) е што ги причинува овие варијации - што е она што едни луѓе ги прави вакви, а други такви. Современите истражувачи на човечката психологија се согласуваат дека Милграм открил некаков значаен феномен, но истовремено дека тој, можеби занесен од „драматургијата", не понудил добро објаснување. Од истата таа контроверзност се заслепени и голем број досегашни толкувачи на неговото дело, без оглед дали ги поддржуваат или не неговите резултати. Идејата за тоа дека злосторникот дреме во секој од нас, и го чека правиот час, изгледа е интуитивно превознемирувачка, а помислата на тоа како изгледа некого да го шокираш со јака струја бизарно препривлечна, за да можеме на оваа тема да ѝ пристапиме со студена глава.

29 јануари 2015 - 08:57