Стар метод-нов тренд

Пандемијата на „синџир-писма“ среде пандемијата

Дали деновиве ви се случило да добиете мејл, или да ве спомнат во пост, во кој се бара да го напишете омилениот рецепт, да препорачате книги или да размените стихови поезија и истите да ги препратите понатаму? Методот е стар, но поентата е иста - споделување и социјализација. 

Фолклористот Даниел ВанАрсдејл има една необична специјалност - тој ја истражува еволуцијата на таканаречените „чејн летерс“ или во наш превод „синџир-писма“, специјализираната терминологија поврзана со нив, како и верувањата дека нивното препраќање ќе донесе среќа (и обратно - непрепраќањето, несреќа).

На неговиот сајт е поместена збирка од над 1000 датирани примери, меѓу кои и такви кои подразбираат не само препраќање на пораката, туку и на пари.

Сега, во време на пандемијата, ваквиот модел на комуникација (само преку електронски пораки), како да добива на популарност. Се препраќаат рецепти, инспиративни цитати, фотографии, списоци на препорачани книги, серии и филмови. За разлика од оние од минатото кои обично завршуваа со некаква закана („ако не го препратиш ова на 20 луѓе ќе ти умре сè најмило“), овие служат главно за кревање на духот и надоместување на она што недостасува во овие моменти - социјализација.

Има луѓе кои со радост учествуваат во овие „собиранки“, други со индигнација го бришат ваквиот мејл. Но историјата на овој тип комуникација е многу интересен, што значи дека и современите примери еден ден ќе бидат дел од неа. Дури и жанровски тука има доста материјал - синџир-писма кои се за среќа, за заштита, за доброволен прилог, такви кои имаат врска со религија, размена или поддршка на некаква идеја.

Спомнатата збирка на Ван Арсдејл вклучува писма со молитва од 1909; поштенска картичка од 1903 со која се протестира против продажбата на цигари на малолетници; барање од 1896 за формирање „домови за бездомни деца“; вулгарна пародија од 1935 итн. Во некои од нив заканата е експлицитна, со спомнување на „поучни“ примери на луѓе кои не помогнале во ширење на пораката па им се случило несреќа (на пример некоја жена чија ќерка ослепела), во други таа е во форма на суптилен притисок („твојата среќа ќе пристигне за 9 денови“ или „знаеме дека секогаш си подготвен/а да помогнеш на сиромашните“). Тие се така формулирани за да поттикнат емотивна реакција и зависат од личноста на оној кој ќе го добие - од неговите ставови, верувања и интереси (вклучително и почитта кон интересот на групата на која припаѓа и во рамки на која го добил писмото).

Во текст на сајтот на Смитсонијан детално се анализира историјата на овој феномен, и се нагласува прилично очигледното - дека ваквите писма доживуваат особена популарност во време на криза. Во ноември 1917, во текот на Првата светска војна, Њујорк тајмс дури ги опишал како „германска завера за затрупување на американските пошти“, со оглед на тоа што ваквите писма се трупале и оневозможувале нормален проток на другата, поважна пошта.

Не знаеме за вас, но ние преку вакви пораки добивме интересни рецепти. Добро, и понекоја слика која прави чуда ако ја допреш. Чудо кое уште го чекаме...

7 јули 2020 - 13:06