Мала (11,1 цм), ама опасна

Палеолитската Венера е премногу секси за Фејсбук

Славната 30.000 години стара (но држеча) Вилендрофска Венера е еден од најстарите уметнички артефакти, и културно наследство од непроценлива вредност. Сега таа може да се пофали со уште нешто - нејзина слика е цензурирана заради голите облини, кои богами ги има.

Слика на фигурината постирана на Фејсбук од Лора Гианда, која себеси се опишува како „артивистка“, била отстранета како „несоодветна содржина“ и покрај повторените обиди за разбирачка помеѓу корисничката на профилот и одговорните во компанијата. Природонаучниот музеј од Виена, домот на односната Венера, напиша протестен пост на својата фејсбук страница:

„Цели 29.00 години ’нашата’ Венера од Вилендорф e симбол на предисториска плодност. Не прифаќаме цензура од страна на Фејсбук, и инсистираме на тоа дека Венера мора да остане гола! Ставете лајк ако го мислите истото“.

Она што е интересно дека истата слика, претходно објавена на фб сајтот на музејот не била предмет на спор, туку само онаа на личниот профил.

Фејсбук вчера (1.3) официјално се извини, велејќи дека иако голотијата на ѕидовите на корисниците не е дозволена, „прават исклучок за статуи“, и дека бришењето на конкретниот пост било грешка.

Ова не е прв пат Фејсбук да покаже во најмала рака необичен однос кон уметноста, додека толерира куп други постирани глупости, со хејтерска, дискриминаторска или со просто грда содржина. Претходно пишувавме за француски наставник кому Фејсбук му го затворил профилот заради тоа што постирал слика од Курбе, „Потеклото на светот“ (тука). Наставникот ја тужеше компанијата, а одлуката францускиот суд треба да ја соопшти на 15 март.

2 март 2018 - 13:15