Букбокс гледаше

„Овни" (Rams, 2016)

Што знаете за Исланд, освен за гејзери и за Бјорк? После овој филм ќе знаете нешто повеќе, и за неговите широки и убави пејсажи, но и за луѓето што нив ги населуваат.

Иако одредницата „скандинавски" веројатно звучи исто толку стереотипно и некоректно колку и „балкански", не можеме да се сетиме дека некогаш сме гледале лош скандинавски филм. Имало радикални, мрачни, апсурдни, или крајно едноставни и топли, но никогаш здодевни приказни. Можеби е до тоа кои филмови од нивната продукција стигнуваат до нас, минати низ филтерот на поширокиот европски вкус, а можеби па и навистина се толку добри.

„Овни" е од тие универзални приказни за животот, онаков каков што тој може да биде и во едно Мариово и во некоја исландска пустелија. Двајца браќа, соседи и самци, веќе 40 години, од за нас непознати причини, не зборуваат меѓу себе. Гуми и Киди ем личат еден на друг (притоа и на сите други брадосани и крупни мажи во филмот), носат слични дебели волнени и испокинати џемпери, и се занимаваат со она со што човек и може да се занимава на Исланд - одгледување некоја посебна и квалитетна сорта овци.

Филмот почнува со тоа што овенот на Киди освојува второ место на годишниот сточен натпревар, чии резултати се сфаќаат многу сериозно во локалната средина. За бељата да биде поголема, прво место освојува брат му Гуми, со разлика од само половина поен. Изнервиран, Киди тајно влегува кај животните, сакајќи самиот да процени што е разликата помеѓу неговиот и конкурентскиот овен. Но наместо тоа сфаќа дека вториов покажува рани знаци на некаква заразна болест слична на „кравје лудило".

Најпрвин ова се толкува како негова завист и желба да го дискредитира противникот, но локалната ветеринарка наскоро излегува со истата проценка и со сурова одлука - да се уништи сета жива стока во областа за со тоа да се спречи ширењето на болеста. На луѓето би им била надоместена штетата, но тие би морале не само да овозможат на службите да ги уништат сите грла до едно, туку и целосно да ги дезинфицираат шталите, и две години да не одгледуваат никаков добиток.

Во овој дел од приказната всушност лежи и најголемата антрополошка вредност на филмот. Луѓето кога сфаќаат што треба да сторат се на работ на нервен слом - нивниот живот без грижата за стоката едноставно е бесмислен. Не само што таа им го структурира секојдневието и им овозможува економски опстанок, туку тие се и емотивно врзани за неа, особено браќава, за кои овците се како замена за семејство.

Иако правилата наложуваат убивањето на стоката да го изврши ветеринарната служба, Киди самиот зема пиштол и едно по едно ги убива сите сто и кусур сироти животни, најпрвин простувајќи се со нив со гушкање. Сепак наскоро сфаќаме дека тој спасил неколку овци и омилениот овен, и дека нив ги чува скриени во подрумот, како генетски „расад" за идни поколенија. На тој начин тој не само што пружа отпор кон силите на природата, и на општеството кое уништува сè во име на некаква замислена безбедна иднина, туку спасува, како во некој Ноев ковчег, и симболички потомци на сопствената семејна лоза, чиј органски дел е и стоката.

Токму ова ги спојува браќата, кои во еден момент мораат да соработуваат во име на повисоката цел - спасувањето на тие неколку овци. Крајот на филмот, кој се случува во дупка ископана во снегот, и покрај силниот ветар и меќавата, ќе ви го стопли срцето.

14 март 2016 - 09:25