Отровната тајна на лакираните уметнички предмети

Длабокиот отсјај на темно црвениот или на црниот лак, често прекрасно декориран со златни, сребрени или бисерни интарзии, е карактеристика на уметноста на повеќе народи. Но Јапонците го имаат доведено лакирањето до совршенство, тој процес кој зависи од една отровна билка, сродна со мангото и ф`стакот.

Во рубрикава нешто ни тргна со боите: на неколку пати пишувавме за најцрната црна, па за потеклото на ацтечко сината и за необичната историја на жолтата. Денес на ред е нешто безбојно, но многу важно за естетиката и конзервирањето на уметнички предмети - лакот.

Лакираните артефакти, особено оние од Азија, се високо ценети уметнички дела. Лакирањето (како што знае секој кој се обидел сам да лакира паркет по дома) е комплициран и чувствителен процес, а кога истиот се врши врз скапоцени предмети потребен е навистина голем марифет.

Предметите од источните култури, чија намена е пред се украсна или обредна, се лакирани со течност добиена од дрвото „уруши“, со латинско име Toxicodendron vernicifluum, кое вирее во Кина, Кореа и Јапонија. Расте до 20 метри во височина, а неговиот сок содржи алерген наречен „урушиол“, заради што и го добило јапонското име.

Станува збор за токсична, жолто-сива течност која се собира со сечење на неколку хоризонтални линии на стебло на 10-годишно дрво. Таа потоа се филтрира, се загрева или се бои пред да се аплицира на материјалот кој се лакира.

Она што е интересно е дека дрвото уруши е член на истото семејство растенија кое ги вклучува и мангото, ф`стакот и отровниот бршлен. Сите тие во одредена концентрација содржат урушиол, кој се активира или кога растението ќе се допре (како кај отровниот бршлен), или ако биде повредено (како мангото или фстакот).

Лакот добиен од уруши има голем број употреби - се користи за накит, лакови и стрели, музички инструменти, во пигментирана или непигментирана форма. Уметничката примена бара многу трпение, со повторување на тенки слоеви и чекање тие да се исушат. Процесот, иако сосема ист, може да се разликува од ден за ден, во зависност од надворешната влажност на воздухот. Затоа, за рачна изработка на еден единствен лакиран сад понекогаш се потребни недели па и месеци. Но потоа, доколку е убаво изработен, предметот се сродува со околината и рефлектира спокојство. Како во хаикуто на Иса:

the cat naps
in a lacquered tray…
summer room

(обид со 5-7-5:
мачето дреме
во лакираниот сад...
чардаче лете)

Во ова кратко клипче (3 минути) е прикажан дел од процесот на јапонските мајстори од Кјото. Нивните лакирани предмети традиционално се сметаат за едни од најубавите, а денес вклучуваат дури и рачни часовници. Забележете ја суптилноста на потезот некаде после втората минута - посипувањето со златна прашина на лакираниот сад.

12 септември 2018 - 09:20