Откако Александар Греам Бел го измислил телефонот почнал да дизајнира - змејови

Кога имал 29 години, Бел го патентирал телефонот, еден од најпрофитабилните изуми во историјата. Но по првичниот успех, младиот пронаоѓач загубил интерес за оваа направа и своето растечко богатство го насочил кон небото.

„За голема среќа на оние заинтересирани за аеронаутиката и истражувањето на воздухот, професорот Александар Греам Бел му се придружи на тимот експериментатори и ќе го вложи својот инвентивен ум во оваа кауза“, напишал метеорологот Хенри Хелм Клејтон, еден од обожавателите на Бел, во 1903. Луѓето се обидувале да летаат стотици години претходно, а кон крајот на 19 и почетокот на 20 век ова директно влијаело врз конструкцијата на авионите кои ги имаме денес.

Бел и неговиот тим, наречен Здружение за воздухопловни експерименти, се фокусирал на дизајн на летала во форма на тетраедри или пирамиди составени од четири триаголни парчиња, а некои од структурите биле изработени од црвена свила. Кога починал, неговиот сандак бил обложен токму со оваа ткаенина.

На фотографијата е кружен „змеј“ составен од помали четириаголни форми направен од Бел и неговиот тим. Дизајнот помогнал истражувачите да им докажат на скептиците дека змејовите составени од голем број идентични структури можат да подигнат нешто од земјата, бидејќи на тој начин драстично се намалувал „мртвиот товар“, односно тежината на леталото.

Мејбл Бел, сопругата на Александар, била дел од тимот, всушност и иницијатор на формирање на Здружението за воздухопловни експерименти. Таа дури и продала куќа која ја поседувала за да учествува во трошоците.

По некое време леталата во форма на тетраедар на Бел станале доволно големи (со дури 64 „ќелии“) за да можат да кренат човек. Еден од неговите први патници, поручникот Томас Селфриџ, подоцна станал првиот човек кој умрел во авионска несреќа, додека работел со браќата Рајт.

Бел изработил и летало кое можело да полета од вода, бидејќи сметал дека водната површина е побезбедна од почвата за полетување и слетување.

Eкспериментите на Бел со изработка на структура која ќе биде доволно лесна а истовремено и доволно силна за да носи со себе човек и мотор денес претставуваат дел од авијациската историја.

извор

22 јануари 2021 - 08:49