Опера на Ник Кејв по повод 100 години од Првата светска војна

Кејв и композиторот Николас Ленс во бриселската опера Ла Моне направија претстава посветена на траумите кои ги предизвикува војната воопшто. Истовремено, истапија против буџетските скратувања во областа на културата кои ги прави владата на Белгија.

Низ 12 меѓусебно поврзани композиции Кејв и Ленс ги претставуваат искуствата на анонимните протагонисти во историските збиднувања, кои се и нивни жртви: војниците, мајките, затворениците и сирачињата. Сведоштвата на овие ликови со кои секој може да се идентификува, е универзален повик за хуманост и мир во светот.

Кореогафијата и режијата е на белгиско-мароканскиот „кореограф на годината" во 2008 и 2011 според списанието „Танц“, Сиди Ларби Черкауи, продукцијата е на Кралската оперска куќа Ла Моне од Брисел, а премиерата се одржа на 24 октомври.

Ла Моне се соочува со големи финансиски проблеми, предизвикани од буџетските скратувања во областа на културата кои ги прави владата на Белгија. Затоа, ова видео кое ја содржи целата опера во траење од 1,5 час, почнува со обраќање на Кејв во кое нефинансирањето на значајни проекти од оваа област го нарекува „културно затемнување".

18 ноември 2014 - 13:26