Мрчам, значи сум жена

Оксфордскиот речник е мачо

Бура бесни реакции го принудија познатиот издавач да ги ревидира сексистичките примери во неговите изданија.

Rabid - бесно, фанатично, екстремно (придавка): нешто што произлегува од екстремна поддршка или верување во нешто. Пример: „таа е фанатична феминистка“

Ова еден од примерите во Оксфордскиот речник на англискиот јазик, за којшто канадскиот антрополог Мајкл Оман-Реган реагираше на Твитер, по што следеа бројни други примери, што почнаа да се слеваат ко надојдена, бесна река (во македонскиот именка од женски род):

nagging, мрчење (дефинирано како постојано малтретирање некого да прави нешто): „жената стално ми мрчи"
shrill, врескање: „пробивното врескање на женски гласови"
psyche, психа: „никогаш нема да ја сфатам женската психа"
bossy, некој што шефува: „шефовски настроена жена, што се плетка во туѓи работи“

Оман-Реган особено ја потенцираше иронијата на употребата на зборот „сексизам" од страна на самиот речник - „сексизам во јазикот е навредлив потсетник за начинот на којшто културата гледа на жените.

Издавачот најпрвин си допука во нога, одговарајќи му со „Ех, кога би имало збор што би опишал колку си по феминизмот", за подоцна да се повлече и да објасни дека „бесно" не е нужно негативна придавка, како и дека примерите не се измислени од страна на уредниците туку се од „реалниот свет".

Сепак, кога rabid нагло се искачи на листата најкоментирани и пребарувани зборови на сајтот, тие конечно издадоа официјално соопштение во кое се вели:

„Се извинуваме за навредите кои ги предизвикаа овие коментари. Примерите се земени од огромен број различни извори и не ги претставуваат ставовите или мислењата на Oxford University Press. Сега ги ревидираме за тие да ги отсликуваат современите употреби".

За да задоволат повеќе корисници, барем од нашиве краишта, предлагаме со еден удар да решат повеќе проблеми: за сите горенаведени зборови (мрчење, врескање, мешање во туѓи работи, бесно) да стават - свекрва.

27 јануари 2016 - 09:11