Артефактот кој ќе нè надживее

Oда за пластичната столица

Текст на Светлана Слапшак во „Пешчаник" за еден артефакт од урбаниот, градинарскиот, кафанскиот и руралниот пејсаж, кој постојано ни е пред очите и под задникот, а за кого ретко размислуваме.

Пластичната столица или индустрискиот „моноблок" е дизајнерско копиле, спомен на времето кога се мислело дека пластичните материјали ќе го променат светот - естетиката на мебелот и облекувањето сигурно. Кон крајот на шеесетите и почетокот на седумдесетите, пластиката го освои дизајнот и модата: пластичните брановидни столици стоеа околу мермерната маса, цели лампи беа брановидно-пластични, геометризмот и рамните линии на претходната деценија се наголемо заборавени, а жените скапо плаќаа за пластични чизми, фустани, наочари, мантили, пантолани, комбинизони. Пластичната торба беше крик, денес тоа е најниско што воопшто може да се има. Во тоа време легендарната југословенска Југопластика, каде е откриен (или е произведен украдениот изум) југовинилот, беше подготвена и на овие предизвици: имаше модна линија на мантили, јакни, чанти, патики и сандали...На пониско, секојдневно ниво, се појави чудовиште кое и денес ги загадува светските океани, морињата и реките, сосе загадувањето на земјата и целокупниот простор во кој живееме - пластичната ќеса. Неа веќе ништо не може да ја уништи: најверојатно заедно со пластичните шишиња и со другата амбалажа, ќе го надживее и човечкиот род.

Пластичните столици меѓу дизајнерите прв посебно ги обработувал Чезаре Џо Коломбо (1965), но неговите столици се состоеле од неколку делови кои на крајот требало да се спојат, и претставувале дизајнерски предмет - масовно производство не било планирано. Две години подоцна, друг италијански дизајнер, Вико Маџистрети, направи пластична столица која можеше да се излие во едно парче. Неговиот дизајн беше постабилен, и беше искористен скоро дваесет години подоцна, кога е откриена постапка со полипропилен на 220 степени Целзиусови, која овозможувала брзо (70 секунди) и евтино (3 долари по парче) производство на моделот на Маџистратевата столица. Се појавија и други модели, но сите по истиот принцип. Во средината на осумдесетите, масовното производство на овие столици почна најверојатно во француското претпријатие Алибер и веднаш се прошири по цел свет: Денес моноблок столици се произведуваат насекаде.

И пред тоа постоеа евтини столици, посебно за плажи и слични места: од ткаенина затегната преку дрвена или метална, обично поедноставна конструкција, до оние со плетено јаже или пластични ленти, или мешано. Традиционалната дрвена столица, често обоена во силна тиркизна боја и со седиште од плетено јаже и пластични ленти, ќе ја најдете во повеќе или помалку секоја грчка таверна од понизок ранг. Посебен модел столица за плажи и тераси се состоеше од две искривени метални шипки со една спона, помеѓу кои со пластични ленти се поврзуваа металните делови. Остатокот од таа столица, односно металната конструкција, стана знак на отпад, пропаѓање, но и рециклирање насекаде по Медитеранот. Златното време на целосното пропаѓање и обновување! Сето тоа го уништи моноблокот.

Што е за право, и моноблок столиците може да се рециклираат по истиот метод по кој се и направени, но резултатот е уште повеќе од истата пластика. Можат да се прекријат со ткаенина, можат да се опремат со разни смешни додатоци, тешко е да се поправат особено кога ќе пукнат нозете, инаку најслабиот дел од моноблокот. Во земји во кои цел работен ден се плаќа 1 долар или помалку, моноблок столиците се поправаат така што им се додава стар метал или дури и дрво. Парадоксот е целосен: се уште поскапиот материјал му овозможува на пластичниот, кој ќе ги надживее за милион години, да биде подолго во употреба. На прашањето зошто за истото време и со можеби помалку трошоци не се направи дрвена столица, одговор треба да се бара во...престижот на пластичната столица.

За овие столици се водени многу расправи: едни ја истакнуваа демократската улога на парчето мебел кој баш секој може да го има или да го најде на отпад; другите се радуваа заради глобалниот продор на она што би го нарекле дизајн; трети во глобалната сиромаштија не гледаа ништо добро, ниту пак во сеприсутноста на моноблокот гледаа нешто повеќе од уништување на локалните традиции. Не помага многу што моноблокот влезе во музеите на модерната уметност и дизајнот (на пример во Минхен), ниту што има луксузни варијантни, ниту пак цитатното измислување нови модели: моноблокот е секогаш ист, брзо се валка - особено основниот бел модел - брзо го губи сјајот, непријатно го грее телото во краишта каде и онака е топло, изгледа грозно после кратка употреба, особено кога столиците ќе се натрупаат една на друга...И ако денес би барале насекаде препознатлив предмет кои сите Земјани го знаат и еднакво го употребуваат, тоа е секако моноблокот. Штета што не го натовариле на Војаџер со другите, престижни знаци на земските култури...

За моноблокот постојат многу статии, блогови, интернет страни, па и книга на двајца автори, Арнд Фридрихс и Керстин Фингер, со наслов 220 C Virus Monobloc: The Infamous Chair од 2010. Моноблок столицата е толку изразен културен знак, што само една на театарска сцена е доволно да даде атмосфера на случувањата. А клучот на таа атмосфера може да биде само еден - сиромаштија, импровизација, простор на неизвесност. Тоа е оној дел од мебелот за најприродна позиција на будното човечко тело - седењето - кој веднаш се појавува во илјадници бегалски кампови, логори, затворски дворови, импровизирани локали, на бродови, во полиња, на тераси и на веранди - секаде каде не смее да се очекува ништо подобро од тоа. Талибанци, исусовци, терористи и борци од сите видови седат на тие столици во шатори, на урнатини, од нив и пукаат. Во најголем дел од светот со најголема веројатност ќе добиете токму ваква столица за да седнете, ако паднете на сместување под хотелски ѕвездички.

Моноблокот е можеби највпечатливиот симбол на полудениот капитализам: кога производството ќе ја исполни потребата на целата планета, што веќе е случај, производството не се гаси, туку со сите сили се произведуваат нови потреби и нови предмети за нив. Моноблокот во голема мерка ги има надминато своите творци, затоа што ја исполнува, заедно со културно-историското сеќавање, човечката потреба која е навистина општа: токму затоа со моноблокот не може да се постигне повеќе. Нема повпечатлива слика за современиот капитализам од купишта пропаднати моноблок столици, кои е невозможно, затоа што е прескапо, да се рециклираат. Оставени каде било, да се валкаат затоа што не можат да скапаат, тие уште повеќе потсетуваат на некакви гробови на современиот свет, во кој нечувствителноста кон човечкиот род достигнала до сега непознати размери.

Во време кога ни се заканува неконтролирано производство на што и да е во тридимензионални принтери, моноблокот можеби ќе стане нешто што го правиме дома или во блиската интернет-кафе-работилница. Во таа перспектива пластичната столица изгледа сјајно, во споредба со, на пример, масовното индивидуално производство на сите видови оружје. Можеби таа ќе стане претходник, симбол на новата епоха, во која секој лие било што? Можно решение и за пластичните столици и за 3Д печатарите е само едно: контрола на производството. За да се спроведе таква контрола потребно е поинакво општество, во кое полудениот капитализам се заменува со некој друг систем. Во него се произведува согласно вистинските потреби, и за оние кои имаат потреба. Како ќе изгледа тој систем е прашање на име, главна нарација, односно на иделогија, технолошки можности и географски услови. Да го оставиме тоа предвидување на некоја посебна ѕвездена августовска ноќ. Па да сонуваме, дури и седејќи во пластични столици, само за да смислиме нешто што е подобро за се уште живите луѓе.

18 август 2015 - 12:18