Eксклузивно од Загреб

Од промоцијата на (авто)биографијата на Рундек

Нова книга, полна со документи, сеќавања и по некоја фантастична приказна, кои го опишуваат животот и делото на хрватскиот музичар.

Некогашна јавачница на австроунгарската војска, подоцна ткајачница на Текстилниот комбинат Загреб каде се произведувал врвен дамаст, од 2008 зградата на Лауба е претворена во некаква интересна мешавина на галерија и дом на културата, каде постојано се одржуваат изложби, перформанси и претстави. Токму тука вчера (3.10) се одржа промоцијата на книгата „Рундек, помеѓу: книга за песните" на Анте Перковиќ. Иако овој музички критичар и писател (негова е познатата „Седма република: поп музиката за време на распадот на Југославија") се потпишува како нејзин автор, во неа голем дел од текстот всушност е произлезен од преписката помеѓу него и Рундек. Перковиќ му праќал прашања по мејл, а Рундек одговарал на начин на кој се надевал дека ќе го инспирира да се распише, без притоа да се знае дека подоцна тие одговори ќе завршат во книга, и на тој начин ќе ѝ дадат и автобиографски тон.

Секое од седумнаесетте поглавја, како што вели и насловот, е поврзано со по една песна, па така низ „Апокалипсо", „Плави авион", „Ај Кармела" или „Радничка класа одлази у рај" се раскажани различни анегдоти, фантастични приказни и лични доживувања, на Рундек, но и на неговите соговорници, сопатници и современици, негови пријатели, од кои голем дел беа присутни на промоцијата. На неа се продаваше специјалното издание, со ЦД со снимка во живо од концерт одржан во Домот на младите во Белград во 2007.

Во изјавите кои одеа на видео бим од некои од луѓето кои учествувале во правењето на книгата, но кои не можеле да бидат присутни, имаше таквa во која се тврдеше дека Рундек после некој концерт скршил стакло и ја јадел срчата, или дека келнер во Водице му пристапил во кафана со „не бој се бруке, то што свира то су руке". Беше спомната и неговата помалку позната работа како режисер во Радио Загреб, каде има направено повеќе од 50 радио драми и документарни емисии, за кои напишал и музика. Беа прикажани и фотографии, од кои голем дел досега необјавувани, а вечерта заврши со тоа што Рундек прочита песна од Руми, со која всушност завршува и книгата.

Неа допрва ќе ја читам, но неколку места веќе ми фатија око. Едното е описот на Рундек на деновите минати на студиите по компаративна книжевност и руски (кои никогаш не ги завршил, туку се преориентирал на режија), односно на дружењата во подрумот на факултетот и вон него, на пример на некоја трибина за почетоците на рокенролот на кој главен говорник бил Штулиќ, кој го воодушевувал со познавањето на релевантни имиња, изданија и датуми, но и кога со сонорен глас ги пеел Дилан и Коен. 

Второто е сеќавање на Душан Враниќ - Дуцо, кој во Карго Трио на Рундек свири хармоника и клавијатури, за некој концерт во Дубровник, кога појачалото на виолинистката Изабел се запалило, но таа не забележала и продолжила да свири. Пожарот почнал да се шири, публиката почнала да вреска и да скандира, но музиката не престанала, сè додека не била зафатена буквално целата сцена. На крај тројцата завршиле во болница.

На промоцијата пак таква „запалена“ атмосфера и музика некако фалеше. Рундек си ја поздрави мајка си и нејзините пријателки во публика, и побрза да ја заврши промоцијата за да се пие вино. А потоа да ја поздрави и Македонија.

1 октомври 2013 - 17:06