Од каде потекнува терминот „карантин“?

Во момент кога Кина го проширува карантинот кој треба да спречи експанзија на коронавирусот на 12 градови со вкупно 35 милиони жители, да погледнеме во историјата на овој феномен, и дали ваквите мерки реално помогнале во заштита на населението.

Идејата на изолирање на болно лице во карантин е регистрирана уште во древни текстови. Третата книга Мојсиева од Стариот завет (Левит) дава совети за ваква превенција од ширење на лепра. Хипократ ја анализирал темата во три тома посветени на епидемиите, иако во тоа време во древна Грција се сметало дека болеста се шири преку „мијазма“, гас со лош мирис кој испарувал од земјата. Еве уште неколку примери од историјата на превенција на ширење заразни болести преку изолација на заболените:

Бубонска чума во Венеција (1370)

Во 14 век „црната смрт“ убила 20 милиони Европејци, а Венеција како прометно пристаниште било едно од жариштата. Секој брод за кој се сомневало дека пренесува заболени морал да чека 40 денови пред да му биде дозволен пристап на брегот. Градот изградил болница-карантин на остров каде биле испраќани заразените морнари, или да се излечат, или многу поверојатно, да умрат. Токму од овој период на 40-дневно чекање произлегува и терминот „карантин“ (quarantinario). Подоцна тоа се намалило на 30 денови (tentinario), но оригиналното име останало.

Жолта треска во Филаделфија (18 век)

Жолтата треска во Филаделфија во 1793 убила над 5000 луѓе во тек на две години, што тогаш претставувала една десетина од населението. Илјадници луѓе избегале кон селата, а во еден момент умирале и по 100 луѓе дневно. Во градот завладеала анархија, со оглед на тоа што властите исто така се евакуирале. Најпознат „лек“ било пуштање крв на инфицираните и пиење вино. И пак морнарите биле оние ставани во карантин, во Лазарето, болница вон градот. Сепак, со оглед на тоа што болеста се шири преку комарци, карантинот не бил ефикасен - заразата спласнала дури кога заладило.

Тифус во Њујорк (1892)

Во 1892 брод кој носел главно Руси - еврејски имигранти се закотвил на Елис Ајленд. Голем број патници од економската класа биле заразени со тифус, но тоа се открило дури подоцна, кога болеста се проширила низ градот, по хостелите и домовите на Лоуер ист сајд. Најмалку 70 луѓе завршиле во карантин во шатори на Ист ривер. По заразата со тифус, во Њујорк се проширила и колера, а на насловната на Њујорк Тајмс се појавил текст: „Не ни требаат вакви сомнителни луѓе на нашите брегови“, обвинувајќи ги повторно Русите за истото.

Епидемија на грип во Европа и САД (1917-1919)

Глобалната пандемија која се смета дека убила над 50 милиони луѓе поттикнала изолација на пациентите, како и затворање на училиштата во Европа, забрана за јавни собири и сл. Овие методи само привремено имале ефект со оглед на тоа што инфлуенцата (грипот) е една од најзаразните болести во светот. Само неколку минути со пациент кој кашла и кива може да ја пренесе болеста. За споредба, за добивање туберкулоза се потребни осум часа.

Ебола во Либерија и Сиера Леоне (2014)

Во август 2014 сиромашна населба во близина на Вест Поинт во Либерија беше изолирана од остатокот од земјата. Карантинот всушност требаше да трае 21 ден, колку што изнесува инкубацискиот период на болеста, но протестите го прекинаа по само десет. Во блиската Сиера Леоне, истиот траеше три дена, кога населението беше замолено да остане дома додека докторите одеа од врата до врата во потрага по заболени и делеа средства за хигиена.

Подоцна е заклучено дека строгите карантини не помогнале во третирањето на еболата, бидејќи луѓето тоа го сфаќаат како дополнителна закана по нивните слободи и живот, и пружаат отпор кој одзема повеќе енергија отколку самото третирање на болеста.

извор

27 јануари 2020 - 07:56