„Обични луѓе“: нов аудио подкаст за вистински приказни на македонски

После стотици ислушани аудио подкасти на различни јазици, се прашавме - зошто нивниот број на македонски е толку мал? Зарем немаме и ние нешто да раскажеме? 

Редовните читатели на рубрикава сигурно забележаа дека во неа во последно време се зголеми бројот на статии кои обработуваат нешто слушнато на подкаст. Приказната за поп-песната која исчезнала од лицето на земјата, за жената која може да намириса болест, за тоа зошто Хајдн бил погребан без глава, за културната историја на бидето и уште куп други.

После ислушани стотици од нив, се навлековме на потенцијалот кој го има аудио раскажувањето, а кој во локални услови како да е подзаборавен (од времето на документарните емисии на Македонското радио) или сè уште неоткриен. Бројот на АУДИО подкасти на македонски јазик е многу мал - оние на Радио МОФ, #CelebrateLife на индог, подкастот на Наука за сите, Во филм за филмски осврти и разговори (додуша одамна неапдејтиран) и Тик Так и Зорка. Можеби уште некој кој не ни влегол во радар, ама толку.

Со желба за збогатување на овој скуден звучен пејзаж, еве го „Обични луѓе“. Подкаст за вистински приказни или оние кои балансираат на фината граница помеѓу измисленото и документарното. Вози само на ентузијазам, со еден позајмен диктафон и со себеснимање на испразнета полица од шифоњер, на која може да те собере целиот. И со другар од основно на кого, ете, му се монтира.

Првите четири епизоди се за еден сосема не-обичен човек и неговата животна сторија. Подкастот ќе се обновува неделно. Благодарност до сите што го поддржаа, му помогнаа, посакаа добро. На сите - (не)обични луѓе.

Сајтот и првата епизода тука

2 август 2020 - 12:22