Ред магија, ред сатира

Нова приказна за возрасниот Хари Потер

Хари, Рон и Хермиона имаат по триесетина години, основале свои семејства и напредувале во волшебничката кариера. Лоша вест: во косата на Хари има и по некое бело влакно. А и бракот нешто не му штима. 

Џ. К. Роулинг објави нова приказна на нејзината страница Pottermore (потребна е регистрација), откривајќи како изгледаат Хари, Хермиона и Рон во нивните триесети. Дејството се одвива за време на финалето на светското првенство во квидич, а приказната е напишана во стил на „жолта" колумна објавена во весникот „Дневен пророк".

Во текстот новинарката Рита Скитер пишува дека Хари Потер, кој е на прагот да наполни 34 години, „има неколку сребрени влакна во косата", но и понатаму ги носи неговите препознатливи округли очила. Освен лузната во форма на молња која му е од детство, сега тој има и лоша исекотина над десниот образ. И Рон не изгледа баш најсвежо, бидејќи и неговата славна црвена коса „малку се истенчила". За разлика од машкиве, Хермиона изгледа дека добила на сила, со оглед на нејзиното „метеорско вивнување" до функцијата Шеф на одделението за спроведување на магискиот закон. Освен успехот во кариерата, таа е и посветена мајка - има син Хуго и ќерка Роуз.

И Хари е татко, на двајца синови по име Џејмс и Албус, кои исто така присуствуваат на натпреварот. Но неговата сопруга Џини не е присутна, па тоа на новинарката ѝ дава повод да се сомнева во стабилноста на нивниот брак.

„Да не му е новата рана на лицето од тоа што го проколнала жена му? Дали се појавуваат пукнатини во врската која Потерови мораат да ја прикажуваат како среќна?"

Ваквиот тон на текстот се толкува како сатира упатена особено кон британските таблоиди, со кои Роулинг водеше судски спор во 2008 за нарушување на нејзината приватност, кога без одобрување беше објавена фотографија од нејзиниот син.

8 јули 2014 - 21:39