Нова книга за жената од која Фројд и Јунг „појзамувале“ идеи

Подзаборавената приказна за Сабина Шпилрајн, пионер во областа на психоанализата, жртва на антисемитизмот, нацизмот, но и на нејзините машки колеги кои „зајмеле“ од нејзината креативност и оригиналност.

Во август 2012 во Ростов на Дон во Русија, се одржал протест во кој учесниците барале отстранување на спомен-плоча посветена на 27.000 жители кои биле убиени во дводневен масакр на нацистите во текот на Втората светска војна. Како резултат на тоа, оригиналната, која била подигната во спомен главно на еврејски жртви, е заменета со ревидирана, на која се спомнуваат само „граѓани“. Така, сите еврејски доктори, поети, научници, адвокати, сите тие родители, деца, баби и дедовци, убиени заради нивното потекло, исчезнале, уште еднаш биле убиени, во чин на меморицид - гаснење на официјалниот спомен за нивната судбина.

Помеѓу нив била и доктор Сабина Шпилрајн, првата детска психоаналитичарка во светот, член на Виенското психоаналитичко здружение и основачка на Московската психиоаналитичка клиника.

Ангела Селс, во нејзината нова книга која критиката ја опишува како „импресивна“, под наслов „Сабина Шпилрајн: жената и митот“, ја раскажува приказната за оваа жена, чие име не само што било избришано преку негирањето на историјата на нејзиниот народ, туку и преку маргинализирање на нејзиниот придонес во областа во која работела, и тоа најмногу од нејзините машки колеги - денес џинови на психоанализата. Мешавина на патолошка патријархалност, антисемитизам, сталинизам, нацизам и геноцид, тоа е и приказна за една психички нестабилна, но крајно оригинална и интелигентна жена, чии следбеници, откако ја демонизирале прогласувајќи ја за „лудача“, фино ги (зло)употребиле нејзините теории и идеи, присвојувајќи ги.

Родена 1885, Сабина (родена како Шејве), како мала таа имала психички проблеми, а на 18 години доживела тежок нервен слом, после кој имала континуирани напади на хистерија, со тикови, гримаси и неконтролирано смеење и плачење. По неуспешен престој во санаториум во Швајцарија, била примена во болницата за ментални болести Бургхелзли близу Цирих, чиј тогашен директор ја водел повеќе како терапевтска заедница, со активности за пациентите како градинарство, театар и предавања од различни области. Еден од неговите асистенти бил славниот Карл Јунг, кој подоцна е назначен за заменик-директор. Тој не само што ѝ помогнал на Сабина да се крене на ментални нозе, туку ја поддржал да се запише на медицински факултет. Во меѓувреме таа била негов постојан „субјект“ на истражување, и се смета дека всушност претставува првиот случај во кој тој применил психоаналитички методи.

Во текот на целиот процес таа се заљубува во Јунг и фантазира дека со него има дете по име Зигфрид. Нејзините писма и дневници, како и писмата на Јунг до Фројд, потврдуваат дека тие имале романтична врска, иако не е сосема јасно дали таа вклучувала и секс. Фројд, кој во помладиот Јунг гледал свој наследник во тогаш контроверзното поле на психоанализата, најпрвин покажувал разбирање за она што се случува, но подоцна изјавил дека токму тоа било една од причините за недоразбирањата кои следеле помеѓу него и неговиот помлад колега. Фројд имено верувал дека докторот треба и може да си ги контролира емоциите кога ги анализира своите пациенти, иако овој пример му покажал дека тоа не е секогаш можно.

По дипломирањето Шпилрајн била избрана за член на Виенското психоаналитичко здружение. По тој повод таа поднела текст во кој тврдела дека луѓето се распнати помеѓу статичката желба за опстанок онакви какви што се, и динамичката за репродукција, која во себе содржи аспект кој е истовремено и креативен, но и уништувачки за јаството. Фројд, кој интензивно се допишувал со Шпилрајн повеќе од една деценија, ја спомнува во славниот есеј од 1920, „Отаде принципот на задоволство“, но само во фуснота, велејќи дека нејзината теорија му поттикнала идеи преку кои стигнал до концептот на „инстиктот за смрт“. Истовремено, Јунг исто така ја спомнува како инспирација за неговиот концепт на „анима“, женскиот принцип во универзумот, но дури педесет години по нивната прва средба.

Во 1912 Шпилрајн се омажила за руско-еврејскиот доктор Павел Шефтел, со кого се преселиле најпрвин во Берлин. Имале две ќерки, а мајчинството веројатно ја инспирирало таа да почне повеќе да се занимава со детска психологија. Следи плоден период на нејзина истражувачка работа и настапи на различни конгреси, собири и конференции, како и соработка со Жан Пијаже, тогаш водечкиот детски психолог, со кого напишале заеднички статии, особено такви посветени на потеклото на јазикот кај децата. Обесхрабрена од тоа да отвори приватна клиника во Женева, таа со поддршка на Фројд се сели во Москва и таму го поттикнува развојот на психоанализата. Сето ова е прекинато кога во јули 1942 германската армија го окупира Ростов на Дон, и во местото Змијска долина близу градот, извршува масовно стрелање на 27.000 главно еврејски жртви, меѓу кои и на Сабина и нејзините две ќерки, кои во тој момент живеат во овој град.

Сето ова е опишано во „Опасен метод“ на Дејвид Кроненберг од 2011, со Кира Најтли, Мајкл Фасбендер и Виго Мортенсен. Сепак, филмот, иако е можеби наменет за да и ја оддаде почитта која ја заслужува, не ја портретира Шпилрајн како нешто повеќе од шизофреник, опседната со својата врска со помоќните мажи (или е можеби до Најтли, која на моменти преглумува). И веројатно ќе бидат потребни многу повеќе книги и филмови, за да се надомести за сторената штета - додека имињата на Фројд и Јунг се веќе станат придавки („фројдовска грешка“, „јунговски архетипи“), она на Шпилрајн е речиси непознато. 

20 ноември 2017 - 13:56