Нова книга на Стоја: Филозофија, мачиња и порно

Наречена „поп стар на порното“, Стоја, актерка и продуцентка на филмови за возрасни со српско потекло, е бранителка на порно индустријата и еден од нејзините најартикулирани коментатори. Сега има и нова книга.

Станува збор за нејзина прва збирка есеи и статии под наслов „Филозофија, мачиња и порно“, еклектична мешавина автобиографски етиди и размислувања за теми кои покриваат сè, од религиска иконографија до технологија, сексуалност, патријархат и идентитет. После 12 години работа како порно актерка, таа вели дека открива различни детали во професијата за кои повеќето луѓе или немаат поим дека постојат, или не зборуваат на тие теми.

Основниот нејзин мотив да се фати за тастатура се оние кои таа ги нарекува „новинари-падобранци“, кои известуваат за теми во кои воопшто не се разбираат. А ова особено е очигледно кога темата е порно. Наместо да се објаснува по интервјуа, таа решила да пишува самата. Критиката ги оценува есеите како „читста, функционална проза, со ненаметлива луцидност и добро водени дигресии“. Чести се и скокањата од една тема на друга како во есеј кој почнува со трупа која изведува бурлески во советско кабаре, до прашањето: „Дали политичките системи ја менуваат и динамиката на групниот секс?“.

Како најголемо книжевно влијание Стоја го наведува францускиот писател Жорж Батај и неговата „Приказна за окото“, ремек-дело на надреалната еротика. Според неа во неа им куп проблеми (на пример нараторот ги користи како синоними „силување“ и „ебење“), но истовремено има нешто во врска со прималната привлечност на сексот која Батај ја доловува на прекрасен начин. Зборувањето на оваа тема според неа е корисно за имање поздрави сексуални врски, но истовремено и за подобро здравје на општеството, не со тоа што порното ќе се забрани или ќе се демонизира, туку така што тоа ќе се направи подобро.

29 јуни 2018 - 11:48